Земјотрес со јачина на ударот од 5,6 степени ја погоди денеска Индонезија, поточно областа јужно од главниот град Џакарта, потресувајќи згради, но засега нема информации за штети, јави ДПА.
Американскиот геолошки институт (USGS) го процени земјотресот со јачина од 5,4 степени, додека Геофизичката агенција на Индонезија претходно објави дека земјотресот бил со јачина од 5,6 степени.
Земјотресот е регистриран во близина на градот Чианџур, на околу 100 километри јужно од Џакарта, а бил почувствуван и во главниот град, каде луѓето панично истрчувале од зградите.
Засега нема извештаи за повредени или материјална штета во главниот град, ниту пак се крева аларм за опасност од цунами.
Индонезија се наоѓа на „огнениот појас“ на Пацификот, поради што често е погодена од земјотреси.