Најмалку 46 повредени во силен земјотрес во северозападна Турција

Најмалку 46 луѓе се повредени во земјотресот со магнитуда од 5,9 според Рихтер кој во средата рано утрото ја погоди северозападна Турција.

Според турската Управа за управување со вонредни состојби (AFAD), епицентарот на потресот бил во близина Голјаку, во северозападниот округ Дузче, на длабочина од два километра.

„Ги проверивме речиси сите села околу Голјак. Нема извештаи за серозни штети, само неколку урнати штали. Има прекин на струјата, но властите работат на снабдувањето со електрична енергија да го воспостават што поскоро“, изјави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Министерот за здравство Фахретин Коџа објави на Twitter дека бројот на повредените се зголемил на 46, од претходно 35, и додаде дека еден од повредените бил во критична состојба.

Медиумите наведуваат дека потресот регистриран во 4,08 часот по локално време бил почувствуван и во Истанбул и Анкара, а три настрадани лица биле пријавени во Истанбул, Болу и Зонгулдак.

По земјотресот, регистрирани се вкупно 18 последователни потреси. Во регионот како мерка на претпазливост се воведуваат прекини на струја, соопшти AFAD.

Гувернерот на Дузче, Џевдет Атај, најави дека училиштата денеска ќе бидат затворени поради земјотресот.

Во 1999 година, провинцијата Дузче беше погодена од земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер, кој траеше 30 секунди, во кој загинаа 710 луѓе, а беа повредени 2.679 лица.