Албанската криминална мрежа главна за трговијата со дрога во ЕУ

Во својот последен извештај, Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA) ја идентификува Албанија како една од земјите на Западен Балкан каде се наоѓаат криминалните мрежи кои го заземаат првото место на регионалниот нарко пазар, пишува „Albanian post“.

Во извештајот се наведува дека криминалните мрежи во Западен Балкан станаа главни актери на регионалниот и на нарко-пазарот на Европската унија, а една од причините за појавата и ширењето на овие криминални мрежи на регионалните пазари е стратешката географска положба.

Според извештајот, стратешката географска локација на земјите како Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, во комбинација со големата побарувачка за дрога, ги забрзала активностите на криминалните групи, пренесува Косово онлајн.

„Неколку земји од ЕУ се на рути за трговија со луѓе кои минуваат низ Западен Балкан пред повторно да влезат во ЕУ“, се наведува во извештајот на „ EMCDDA“.

Така, извештајот го идентификува оперативното присуство на групи од Западен Балкан во Белгија и Холандија, каде пристаништата Антверпен и Ротердам се важни за дистрибуција и увоз на дрога во ЕУ. Се покажа дека Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Велика Британија се важни земји за тие групи на пазарите на кокаин, хероин и канабис во Европа.

Горенаведените мрежи ја усвоија најновата достапна технологија за подобрување на ефикасноста на производството на дрога, шверцот и перењето пари, што вклучува сложена опрема за одгледување во затворени простории, дронови или употреба на криптовалути и шифрирани комуникации.

И Западен Балкан и земјите од ЕУ се чини дека служат како засолниште за криминалните групи кои се кријат од ривалите или казната.

„Се наведува дека членовите на италијанските и турските криминални мрежи ја избегнуваат правдата со населување на Западен Балкан, додека руските криминални организации се верува дека се вклучени во активности за перење пари долж брегот на регионот“, објаснуваат од „ EMCDDA“.