Тајани: Белград и Приштина да ги нормализираат односите и да го продолжат патот на дијалог

Белград и Приштина мора целосно да ги нормализираат односите откако постигнаа договор со кој заврши двегодишниот спор за регистарските таблички, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

„Сега е неопходно да се продолжи патот на дијалог и целосно да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина“, наведе Тајани во соопштение по телефонските разговори со лидерите во Белград и Приштина.

Тајани, кој во вторникот ги посети Белград и Приштина со италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето, додаде дека иднината на Балканот е во Европа и дека Италија е подготвена да игра водечка улога во регионот.

Италија во моментов ја предводи мисијата на НАТО на Косово – КФОР.