Во услови на енергетска криза во европски рамки, но и пошироко, АД ЕСМ исполни уште една обврска произлезена од кризата, а тоа е снабдување со поевтина електрична енергија на прехранбената индустија за основните намирници, на училиштата и водостопанствата. Ова задолжение дадено со заклучок од Владата е исполнето навремено и во најкусо време, со цел наведените институции да можат да бидат снабдувани со поевтина енергија веќе од 1 декември, соопштија од ЕСМ.
АД ЕСМ ги повикува субјектите кои не поднеле пријава за снабдување, истото да го направат во следниот период, со цел да бидат вклучени во групата за снабдување од 1 јануари 2022г.
Одлуката на Владата беше донесена за да се спречи раст на цените на одредени прехранбени производи и да се постигне и нивно намалување, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и одведување и пречистување на води, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата.
На прес-конференцијата во Владата одржана во текот на вчерашниот ден, генералниот директор Васко Ковачевски изјави дека АД ЕСМ ги вложува сите напори, по задолженија од Владата, да ги менаџира и кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија.
-По задолжение до Владата АД ЕСМ го презеде парното греење во Скопје, дополнителното снабдување со електрична енергија, 100% испорака на електрична енергија кон ЕВН Хоум, наместо 60% како што е по законот, покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродиструбуција и на МЕПСО, работење на ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ самоиницијативно се пријави за снабдување со поевтина електрична енергија итн.
Влогот на АД ЕСМ и големиот ангажман на вработените, особено во термоелектраните, укажуваат дека успешно ќе се справиме со енергетската криза, без рестрикции и сериозни проблеми. Останува заедно да ја пребродиме оваа грејна сезона и да продолжиме со нови инвестиции како единствено издржано и долгорочно решение за справување со евентуални нови енергетски кризи, рече директорот Васко Ковачевски.