Поделби на Западот: Европа ги обвинува САД дека профитираат од војната

Девет месеци откако ја започна инвазијата во Украина, се чини дека се остваруваат намерите на рускиот претседател Владимир Путин за поделби на Западот, пишува порталот Politico.eu.

Високо позиционирани европски функционери се бесни на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и сега ги обвинуваат Американците дека заработиле богатство од војната, додека страдаат земјите членки на Европската унија.

„Факт е, доколку се погледне трезвено, дека земјата којашто најмногу профитира од оваа војна се САД, затоа што продаваат повеќе гас и по повисоки цени и затоа што продаваат повеќе оружје“, рекол еден од високите европски функционери кој го цитира Politico.

Жестоките коментари од официјални лица, дипломати и министри од многу земји го следат растечкиот гнев во Европа поради американските субвенции кои се закануваат тешко да ја погодат европската индустрија. Кремљ веројатно ќе се радува на труењето на атмосферата меѓу западните сојузници, се наведува во коментарот на Politico.

„Навистина се наоѓаме во историски момент“, рекол неименуван висок функционер на ЕУ тврдејќи дека двојниот удар од нарушувањето на трговијата од американските субвенции за сопствените компании и високите цени на енергијата носат ризик да го светат јавното мнение против воените напори и трансатлантскиот сојуз,

„Америка треба да осознае дека јавното мнение во многу земји на Европската унија се менува“, предупредил европскиот дипломат.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, и претходно го повикуваше Вашингтон да одговори на европските загрижености.

„Американците, нашите пријатели, носат одлуки коишто имаа економско влијание врз нас“, рече Борел неодамна во интервју за Politico.

Најголемата тензија меѓу сојузниците последните седмици е предизвикана од ткн „зелени“ субвенции и даноци коишто администрацијата на Бајден ги дава на американските компании, за коишто во Брисел сметаат дека неправедно ја пренасочуваат трговијата од ЕУ и се закануваат со уништување на европските индустрии. Меѓутоа, и покрај официјалните приговори од страна на Европа, Вашингтон досега не покажува знаци на отстапување од таквата практика.

 

ЕУ го плаќа гасот од САД по четири пати повисоки цени

Истовремено превирањата предизвикани од руската офанзива во Украина и одговорот на Западот, а што се надоврза на кусиот постапандемиски период и бавното излегување на националните економии од ткн корона-кризата, ги доведе европските економии до рекордни нивоа на инфлација и катастрофалното намалување на неопходните енергенси, што се заканува со прекини на струјата и неопходна рационализација во трошењето на енергијата зимава.

Обидувајќи се да ја намалат својата зависност од руските енергенси, земјите од ЕУ се свртија кон течниот гас од шкрилци (LNG) од САД, но цените коишто Европејците ги плаќаат се речиси четири пати повисоки од цената на енергенсот на американскиот континент, за што минатиот месец се пожалија во Берлин. Покрај тоа, нарачките на американското вооружување веројатно ќе се зголемат, имајќи предвид дека војските на европските сијузници се соочуваат со испразнети складишта и недостиг по големите испораки на оружје за Украина, кои се особено интензивни по избувнувањето на војната пред девет месеци.

Сето тоа, според Politico, станува премногу за функционерите во Брисел и во другите престолнина на ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна рече дека високите цени на гасот од САД „не се пријателски“, а германскиот министер за економија го повика Вашингтон да покаже „повеќе солидарност“ и да помогне во намалување на трошоците за енергијата

Министри и дипломати од земјите членки на ЕУ го истакнуваат разочарувањето на начинот на кој администрацијата на американскиот претседател Бајден едноставно го игнорира влијанието на своите домашни економски политики врз економиите на европските сојузници.

Според Politico, кога челниците на ЕУ му се обратиле на Бајден во врска со високите цени на природниот гас од САД во текот на самит на Г20 на индонезискиот остров Бали минатата седмица, американскиот претседател изгледал дека едноставно не е свесен за проблемот, тврди еден од погоре цитираните извори. Други функционери и дипломати од ЕУ се согласиле со оцените дека американското непознавање за импликациите за Европа претставуваат голем проблем.

„Европејците се забележително фрустрирани поради недостигот од претходни информации и консултации“, вели Дејвид Клејман од тинк-тенкот Bruegel.

Официјални лица од двете страни на Атлантикот ги препознаваат ризиците коишто сѐ потоксичната атмосфера ќе ги има врз западниот сојуз. Споровите се токму она што би го посакал Путин, согласни се дипломати од ЕУ и од САД, пишува Politico.

Разгорениот спор околу Законот за намалување на инфлацијата (IRA) на Бајден, обемниот пакет мерки во областа на даночните олеснувања, климата из здравствената заштита, уште еднаш високо на политичката агенда ги истакна стравувањата од трансатлантска трговска војна. Министрите за трговија на земјите во ЕУ разговараа за нивниот одговор во петокот, додека бирократијата во Брисел подготвува планови за итна помош преку субвенции за спас од колапс на европските индустрии.

„Законот за зауздување на инфлацијата е многу вознемирувачки. Неговото потенцијално влијание врз европската економија е многу големо“, оцени холандската министерка за трговија Елизабет Лисје Схрајнемахер.

„САД спроведуваат домашна агенда, којашто, за жал, е протекционистичка и ги дискриминира сојузниците на САД“, оцени Хрватот Тонино Пицула, кој во Европскиот парламент е одговорен за трансатлантските односи.

Американски неименуван официјален претставник истакнал дека цените на гасот за европските купувачи ги одразуваат пазарните процени на приватните компании и не се резултат од каква и да е политика или дејствие на американската администрација.

„Американските компании беа транспарентни и веродостојни добавувачи на природен гас за Европа“, го цитира Politico американскиот функционер. Капацитетите за извозот, исто така, биле ограничени поради хаваријата во јуни поради којашто морало да биде исклучен клучен објект, додал Американецот.

Во повеќето случаи, според американскиот соговорник, разликите меѓу извозните и увозните цени не оди кај американските извозници на LNG, туку кај компаниите коишто го препродаваат гасот во ЕУ. Посочил, на пример, дека најголемиот европски добавувач со долгорочни договори за американскиот гас е француската „TotalEnergies“.

Таквиот аргумент на американската страна не е нов, но се чини дека тој не може да ги разубеди Европејците, оценува Politico.

„САД ни го продаваат својот гас четири пати поскапо кога ќе мине Атлантскиот Океан. Се разбира, Американците се наши сојузници.. но кога нешто ќе тргне наопаку, неопходно е и меѓу сојузниците да се зборува за тоа“, изјави во средата за француската јавна телевизија еврокомесарот за внатрешниот пазар на ЕУ, Тиери Бретон.

Поевтината енергија брзо стана огромна конкурентска предности за американските компании. Европските и мултинационалните компании, така, планираат нови инвестиции во САД или, дури, и преселување на постојните погони од Европа на американскиот континент. Претходно седмицава хемискиот мултинационален конгломерат „Solvay“ објави дека ги избрал САД наместо Европа како нова дестинација за свои вложувања, што е последната во низата слични објави на клучните индустриски гиганти од ЕУ.

 

Сојузници или не?

Покрај несогласувањата во енергетиката, во прв ред поради цените, Брисел го зафати тотална паника откако Вашингтон ја објави шемата за индустриските субвенции во износ од 369 милијарди долари за поддршка на ткн „зелени индустрии“, според американскиот Закон за намалување на инфлацијата.

„Законот за зауздување на инфлацијата промени сѐ. Дали Вашингтон сѐ уште е наш сојузник или не?“, прашува неименуван дипломат од ЕУ.

За претседателот Бајден тоа претставува историско достигнување во сферата на заштитата од климатските промени. „Тоа не е игра без резултат. Законот IRA ќе го зголеми инвестицискиот колач за чистата енергија“, коментира американски функционери,

Меѓутоа, ЕУ на тоа гледа поинаку. Функционер од француското министерство за надворешни работи вели дека дијагнозата е јасна: станува збор за „дискриминаторски субвенции кои ќе ја нарушат конкуренцијата“. Претходно седмицава францускиот министер за економија Бруно Ле Мер, дури, го обвини САД дека го следат патот на кинескиот економски изолационизам, повикувајќи го Брисел да го презема истиот пристап. „Европа не треба да биде последниот Мохиканец“, рече Ле Мер.

ЕУ ги подготвува своите мерки за противодговор, како големите субвенции, за да го спречи уништувањето на европската индустрија од страна на американската конкуренција.

„Минуваме низ тивка криза на довербата за трговските прашања во овие односи“, вели германскиот европратеник Рајнхард Бутикофер.

„Во одреден момент треба да се заложиш за себеси. Се наоѓаме во свет на судир на силите. Кога се бориш со раце, ако не си мускулест, ако не си подготвен и физички и психички, губиш“, ја опишува ситуацијата францускиот европратеник Мари-Пјер Ведрен,

Истовремено, зад кулисите расте и европската иритираност поради парите коишто се слеваат во американскиот воено-индустриски сектор.

САД се најголемиот испорачувал на оружје и воена опрема за Украина, со вооружување од најмалку 17 милијарди долари од почетокот војната. Според Борел, ЕУ досега на Киев му испорачала воена опрема во износ од околу 8 милијарди евра.

Надополнувањето на некои софистицирани видови вооружување би можело да „потрае со години“ поради проблеми во синџирот за набавка и производство на чипови, оценува висок функционер во Брисел. Тоа, од своја страна, ги поттикнува стравувањата дека американската одбранбена индустрија може да заработи уште повеќе од украинската војна.

Пентагон веќе изработува планови за забрзување на испораките и продажбата на оружје, бидејќи се зголемува притисокот од страна на сојузниците да одговорат на најголемите барања на оружје и воена опрема.

Друг дипломат од ЕУ тврди дека „парите што ги заработуваат од оружјето“ би можело да им помогнат на Американците да сфатат дека заработувањето на „сите тие пари од гасот“ може да биде „малку премногу“.

Дипломатот тврди дека отстапките во цените на гасот може да помогне „да го задржиме обединето нашето јавно мнение“ и да преговараме со трети земји за испораките на гас“.

„Од оптичка гледна точка, не е добро да се остава впечаток дека вашиот најдобар сојузник всушност остварува огромен профит за сметка на вашите проблеми“, рекол за Politico европскиот дипломат.