Во голема акција во Дубаи е уапсен босански државјанин, за кого холандските медиуми пишуваат дека е познатиот наркобос Един „Тито“ Гачанин. Тој е шеф на наркобизнисот кој криумчари дрога во Европа.
Гачанин, како што јавуваат медиумите, е уапсен во Дубаи во акција предводена од Европол, во која учестуваа полициите на шест држави, пишува босански „Кликс.ба“ . Холандија за него ќе бара екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати.
Медиумите претходно објавија дека еден од уапсените е 40-годишен Холанѓанец, кој исто така е државјанин на Босна и Херцеговина, а потоа и дека всушност се работи за Гачанин. Кривичниот предмет против него го водат обвинителите на Државното обвинителство на Холандија, соопшти холандската полиција.
Тој е осомничен дека подготвувал увоз на речиси 8.000 килограми суровини за производство на амфетамин. Суровините за производство на лекови пристигнале преку пристаништето Антверпен, а нивната крајна дестинација била компанија во Холандија.
Тука спаѓа и серија од околу 1.800 килограми кокаин што е увезена преку пристаништето Хамбург во 2020 година со дестинација во Холандија, соопшти полицијата.