Лице блиско до британската монархија поднесе оставка по расистички инцидент

Лице од британската кралска куќа поднело оставка откако црнкиња, феминистичка активистка, упорно ја испитувала за нејзиното потекло на прием којашто ја организирала кралицата сопруга Камила во Бакингемскиот дворец, објавено е во средата.

Нгози Фулани, директорката на здружението Sistah Space коешто ги поддржува жртвите на семејното насилство, објави на Twitter дека припадничка на персоналот кој работи за монархијата упорно ја прашувала „од каде си всушност“ во текот на приемот во вторникот во кралската палата.

Британскиот јавен дифузер BBC наведува дека станува збор за Леди Сјузан Хаси, кума на принцот Вилијам и блиска на покојната кралица Елизабета Втора.

Бакингемскиот дворец во соопштението наведува дека инцидентот го сфаќаат „крајно сериозно“.

„Се слушнале неприфатливи и непријатни коментари. Лицето за кое станува збор искрено се извини поради нанесената болка и веднаш ја напушти својата почесна должност“, се истакнува во соопштението за јавноста.

Приемот кој го организирала кралицата сопруга Камила бил посветен на сузбивањето на насилството над жените.

Во објавата на Twitter Нгози Фулани напиша дека десет минути откако дошла на приемот, била повикана од личност којашто ја именува како „Леди СХ“, којашто ѝ „тргнала прамен од косата“ за да го види нејзиното име на беџот.

Додава дека соговрничката, откако Фулани рекла дека дошла во името на своето здружение чие седиште е во Лондон, ја запрашала: „А од каде сте, од Африка?“ и продолжила да ја прашува кога таа рекла дека е британска државјанка.

„Но од каде сте всушност? Од каде се вашите?“, била упорна соговорничката, според објавата на Фулани која наведува дека не знаела што да одговори, ниту да стори.

Но не наведува дали одговорила, па прашањата биле упорно поставувани и покрај одговорот.

„Не можев ништо да ѝ кажам на кралицата сопруга, за мене тоа беше шок, како и за другите две жени (коишто беа со мене), се запрепастивме и останавме без зборови“, пишува уште Фулани.

„Не сакаме да го откриеме идентитетот на таа личност, целиот систем мора да биде променет“, истакнуваат од Sistah Space.

Инцидентот, кој се чини дека сепак е изнасилен, се случува откако принцот Хари, помладиот син на кралот Чарлс Трети, и неговата сопруга американската актерка Меган Меркл, од мешовито потекло, минатата година го обвинија британското кралско семејство за расизам, бидејќи еден негов член прашал каква боја на кожата ќе има нивниот син Арчи кој требало наскоро да се роди.