Штајнмаер денеска во Тирана, прва посета на германски претседател по 27 години

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на Тирана, каде ќе пристигне по посетата во Скопје.

Ова е прва посета на германски претседател на Република Албанија по 27 години.

Со сите државнички почести ќе биде дочекан од неговиот домаќин, албанскиот претседател Бајрам Бегај, со кого ќе имаат куса средба по што ќе одржат заедничка прес-конференција.

Според официјалното соопштение од претседателскиот кабинет „посетата претставува дополнителен сигнал за поддршка од Германија за европската иднина на земја“.

-Во фокусот на посетата е ситуацијата во регионот, ефектите од војната на руската агресија во Украина и континуираната поддршка на Германија за членството на земјата во Европската унија, пренесуваат медиумите дел од соопштението на кабинетот на германскиот претседател.

Штајнмаер ќе се сретне и со премиерот Еди Рама, ќе има обраќање во албанскиот парламент, планирана е посета на Националниот музеј „Куќа на лисјата“ во Тирана, дискусија како да се соочиме со комунистичкото минато и разговор со студенти од шесте земји од Западен Балкан.

Тој ќе го посети и градот Берат каде ќе биде запознаен со проектите за развој на албанско-германската соработка.

-Во пресрет на посетата на Албанија и на Северна Македонија Штајнмаер за Дојче веле изјави дека достигнувањата на Северна Македонија и Албанија заслужуваат признание и почит. Меѓу другото, тој рече дека посетата има за цел да ја пренесе пораката дека Германија не го заборава Западен Балкан, јави албанската државна агенција, АТА.

Според истиот извор ова е првпат германскиот претседател официјално да ги посети Албанија и Северна Македонија, откако ја презеде функцијата на 19 март 2017 година.

-Сепак, поранешниот германски министер за надворешни работи добро го познава Западен Балкан. Во двата периода колку што беше министер за надворешни работи постојано го враќаше регионот на агендата на својата работа, додава АТА.

На Штајнмаер ова му е втора посета на Тирана по онаа кога допатува како министер за надворешни работи.