Фортон: Паѓаат цените на становите во Аеродром, Карпош и Чаир

Расте кај бројот на новоизградени станови во Скопје, додека, цената на становите се намалува, пишува порталот „Билд.мк“
Според анализата на консултантската компанија „ФОРТОН Македонија“ во периодот јануари – јуни 2014 година во делот на понудата се регистрирани 3.077 нови станови, при што скопската општина Аеродром учествува со повеќе од 51 отсто  од севкупната пазарна понуда. Во овој период е забележано снижување на просечната цена на становите за 2,4 отсто, во споредба со втората половина од 2013 година.

-Бројот на непродадени станови во првите шест месеци изнесувал 47,1 отсо од завршените станови. Нивните очекувања се дека во периодот јули – декември 2014 година ќе продолжи намалувањето на просечните продажни цени, но со побавно темпо од досегашното. Понатамошен пад на цената на становите ќе има во општините Аеродром, Карпош и Чаир, соопштуваат од консултантската компанија, пренесува „Билд.мк“.

Во првите шест месеци од 2014 година е забележано незначително зголемување на неиздаден деловен простор.  Намалување на неиздадените површини е присутно кај Хипер Веро и Капитол Мол, за сметка на понатамошното зголемување на неиздадениот простор во ГТЦ, проследено со значајно намалување на цените. Генералните пазарни закупнини кај малопродажниот простор и понатаму бележат тренд на опаѓање, исто како и во претходните периоди. Тие се движат во границите од околу 40 евра по метар квадратен месечно во трговските центри, додека закупнината на улица „Македонија“ изнесува 30 евра по метар квадратен месечно, пишува „Билд.мк“.