Османи: Имаме сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, ајде да се здружиме и кажеме стоп

-Наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа. Не се амбицирам, затоа што нема општество исчистено во целост од ова зло. Но, Северна Македонија мора и тој дел да го помине за навистина да биде пример на држава не само во регионот, туку и пошироко. Ајде да се здружиме сите и да кажеме стоп на корупцијата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.

– Тоа што го создадовме во мултиетничката демократија, како култура на односи, на дијалог, на решавање на конфликти и прашања, е сериозен модел на оваа држава. Уште ни треба да имеме сериозна демократија и сериозни институции во борбата против корупцијата и ќе бидеме така што треба да бидеме, како што очекуваат нашите пријатели и како што очекуваат нашите граѓани, рече Османи.

На новинарско прашање каква конкретна помош очекуваат од САД во борбата против корупцијата, тој повтори дека во рамки на стратешкиот дијалог, САД досега дале 4,2 милиони евра само за поддршка антикорупциските политики. Очекуваат поддршка и во обука, но и искористување на конкретните механизми што ги имаат на располагање САД.

– РС Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко. Во сите можни општествени сектори каде граѓаните бараат услуги од државата, на било кое ниво. Овој фокус што го ставаме заеднички со нашите партнери САД и со ЕУ, е и резултат што големите прашања ги надминавме, кои не дефокусираа од оваа политика на борба против корупцијата, рече министерот.