
Фудбалерите на Франција се пласираа во четвртфиналето од Светското првенство во Катар откако во неделата на стадионот „Ал Тумама“ во Доха ја совладаа со 3:1 селекцијата на Полска.
Стрелци за Франција беа Оливие Жиру во 44 и Килиен Мбапе во 74 и во првата минута од судиското продолжение на натпреварот, а за Полска погоди од повторениот удар од белата точка капитенот Роберт Левандовски длабоко во деветтата минута од судиското продолжение. Франција, така, во четвртфиналето на 10-ти декември ќе игра против победникот од дуелот меѓу Англија и Сенегал.
Франција важеше како изразит фаворит во ова соочување, Полјаците во поголем дел од мечот беа рамноправен противник, барем во играта во поле, но сепак не успеаја да го изнанадат бранителот на титулата светски првак.
Првата шанса ја имаше Франција во 4 минута кога Варан беше највисок во скокот по нафрлување од корнер, но неговит удар отиде над пречката. Возврати Полска во 21 минута кога Левандовски се избори за топка на 25 метри од францускиот гол, упати шут но не успеа да ја погоди рамката на голот.
Неверојатно промашување на Жиру беше видено во 29 минута. Антаон Гризман пресече едно додавање на Полјаците на ниввната половина, ја испрати топката по десната страна за Усман Дембеле кој со одлично приземно нафрлување го пронајде осамениот Жиру на помалку од пет метри од полскиот гол, но францускиот центарфор успеа да го промаши целиот небранет гол.
Полска можеше според непишаното фудбалско правило да го казни ова големо промашување во 38 минута. Бережински се проби по левата страна, испрати повратна топка за шут за Зјелински кој беше во налет, но обидот на полскиот играч од средниот ред одлично го запре францускиот голман Иго Љорис, топката му се врати на Зјеленски за втор обид, но тогаш погодокот го спрчи Варан за потоа да се обиде и Камински но и неговиот удар беше блокиран.
Франција поведе пред самиот крај на првиот дел. Мбапе луцидно го проигра Жиру кој избегна офсајд стапица и влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар од 12-13 метри го совлада Шчечни. Ова беше 52-от погодок на Оливие Жиру за селекцијата на Франција со што стана најдобар во историјата на оваа репрезентација, досега ја делеше водечката позиција со Тиери Анри.
За првото возбудување во второто полувреме се чекаше до 57 минута кога Мбапе шутираше од 20-ина метри, го погоди блокот на еден од полските играчи, Шечни остана во расчекор но топката заврши во корнер.
А прашањето на победникот беше решено во 74 минута кога Франција од контранапад го постигна вториот погодок. Гризман исфрли топка од сопствениот шеснаесетник до средината на теренот каде ја прифати Жиру и ја продолжи за Дембеле по десната страна, а овој го забележа втрчувањето на Мбапе од спротивната страна. Младиот француски напаѓач со силен удар од 15 метри под самата пречка го проби Шчечни. Вториот погодок на мечот Мбапе го постигна на почетокот од судиското продолжување, кога откосо од левата страна од 13 метри го погоди самиот горен спротивен агол.
На самиот крај од судиското продолжение топката го погоди Упамекан во раката кога тргне во блокирање центаршут во својот шеснаесетник, а судијата Валенцуела од Венецуела по прегледување на снимката покажа на белата точка. Првиот обид на Левандовски беше несфатливо очаен и лесен плен за Љорис, но бидејќи францускиот голман прерано излегол од гол-линијата судијата го повтори изведувањето на најстрогата казна а полскиот капитен од вториот обид не згреши, па така се спаси од срамот од два нереализирани пенала на првенството откако во фазата по групи пеналот му го одбрани мексиканскиот голман Гиљермо Очоа.
Голманот и капитен на француската репрезентација Иго Љорис на овој натпревар го впиша својот 142-ри настап за „Триколорите“ и така се израмни на првото место според бројот на настапите со Лилијан Турам. Исто така, за Љорис ова беше 17-от настап на светските првенства, па така се израмни и во оваа категорија со француските рекордери Фабијан Бартез, исто така, голман и со напаѓачот Тиери Анри.