
Фудбалерите на актуелниот европски вицешампион Англија се пласираа во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, откако во осминафиналниот дуел во неделата вечерта на стадионот „Ал Бајт“ во ал-Кор со 3:0 (2:0) го совладаа актуелниот африкански првак Сенегал.
Стрелци за „Гордион Албион“ беа Џордан Хендерсон во 38, Хари Кејн во третата минута од судиското продолжение на првиот дел и Букајо Сака во 57 минута.
Сенегал беше подобриот рвал во првите половина час од натпреварот и во тој период создаде две големи шанси за гол. Во 22 минута при предавањето на топката грешка направи Мегваер, следеше нафрлање Диате од десната стрнаа, а кон голот шутираше Диа но неговиот обид го блокираше Стоунс кого топката по блокот го погоди во раката, на одбиената топка натрча Исмаил Сар, но од пет метри го префрли и истрчаниот голман Пикфорд но и голот. Ситуацијата со ударот на топката во раката на Стоунс беше прегледувана и во ВАР-от, и беше проценето дека не станува збор за прекршок за казнет удар.
Уште поубава можност Сенегал имаше во 32 минута кога Сар ја освои топката на 30-ина метри од англискиот гол, го проигра Диа кој шутираше од седум метри откосо, но со врвна инстиктивна реакција се истакна Пикфорд.
Завршницата на првиот дел ѝ припадна на Англија којашто поведе во 38 минута. Кејн одлично го проигра Билингем кој се проби по левата страна и испрати повратна топка на 11 метри за Хендерсон кој со одличен удар го совлада Менди. Во последните секунди од триминутното судиско продолжение на првиот дел, Сенегал со премногу играчи тргна во напад по израмнување, а по загубената топка Билингам повлече контранапад, ја проследи топката до Фоден кој забележа дека го следи Кејн го проигра својот капитен кој излезе сам пред Менди и рутинирано го совлада за 2:0.
Натпреварот резултатски, но се чини и играчки, беше заклучен во 57 минута кога Сака зголеми на 3:0 искористувајќи го одличниот продор по левата страна и додавање низ нозете на сенегалскиот капитен Кулибали. Младиот напаѓач на Арсенал ја прифати токпата во средината од шеснаесетникот и сигурно ја реализираше шансата.
Иако до крајот на натпреварот остана повеќе од половина час, до завршницата практично ништо не се случи ништо што може да биде одбележано. Англичаните без проблеми ја контролираа ситуацијата на теренот и практично се штедеа за натамошниот тек на турнирот. Сенегалците, пак, свесни дека не можат да направат пресврт малодушно се обидуваа но без резултат да дојдат барем до почесен погодок.
Англија, така, во четвртфиналеот на 10-ти декември ќе игра против бранителот на титулата Франција,, коај претходно во неделата со 3:1 ја надигра Полска.