Адвокатот Тортевски за стручноста на Весна Дамева: Како од разводник да станеш маршал

Изборот на Весна Дaмева за претседателка на Републичкиот судски совет наиде на негодување, главно во правната фела. Со самото тоа што Дамева доаѓа на оваа функција без искуство и од местото стручен соработник во Кривичниот суд и член на правната комисија на СДСМ, адвокатот Александар Тортевски смета дека и самот избор е корупција, зашто на позицијата се поствува нестручно лице кое во даден момент ќе треба да испорача услуга.

-Од стручен соработник да конкурираш и да те изберат за претседател на Републички судски совет ти е исто како во војска од разводник да конкурираш за маршал, коментира Тортевски.

Весна Дамева беше избрана вчера, откако пред неколку денови оставка си поднесе и Павлина Црвенковска од позицијата претседател на Судски совет и се пожали на притисоците кои ги трпела.

Новоизбраната претседателка на Судски совет, Весна Дамева, пак, не знае кои се тие притисоци и смета дека е посилна од нив.

-Таа кованица судско-бизнис елити, првпат ја слушнав од Црвенковска. Не знам врз основа на кои факти и докази тоа го кажува. Тоа прашање треба на неа да и го нарушите. Може се работи за лична перцепција или нејзино согледување. За мене изјавата е загрижувачка дека доколку имала сознанија или дознала, била должена да го извести Советот бидејќи ние имаме механизми, а да ги извести и надлежните институции. Ова криење, бидејќи било подолг период, остава само сомнеж за поинакво размислување. Јас не сум имала влијание ниту притисоци, ниту ќе дозволам тоа да се случи. Интегритетот е единствен за одбрана од влијание. Доколку како член, а сега како претседател, јавно, не само пред членовите, туку и пред медиумите ќе известам. Не е доволно да се дознае туку и да се сузбие. Јас ќе побарам од Црвенковска, да каже, изјави Дамева.