СДСМ и понатаму ги одбива предлозите на ВМРО – ДПМНЕ на расправата по амандманите на Комисијата за финансирање и буџет, вели Стојаноска

Продложува расправата по амандманите на Комисијата за финансирање и буџет, а СДСМ и понатаму ги одбива предлозите на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата кои се на барање на граѓаните, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во текот на изминатите денови се закануваат дека ќе го поништат изгласаниот амандман со кој на вработените во јавната администрација е предвидено да им се зголемат платите за 15%. Амандманот поднесен на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија треба да се потврди и од Законодавно правната комисија. Се надеваме дека ќе преовлада разумот кај колегите и ќе сфатат дека покачувањето на плата во услови кога инфлацијата кај храната е 30% е неопходност, а не расипништво. Денес пратениците ќе го разгледуваат амандманот кој се однесува на Викенди без ДДВ. Ова е еден од 10-те предлози кои ги усвои Централниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ и кои е неопходно да бидат вклучени во Буџетот за 2023-та година. Со предлогот на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата се предвидува секој викенд додека во Македонија има прогласено кризна состојба во енергетскиот сектор, а тоа е до 30-ти април 2023-та година, да има викенд без ДДВ за прехранбени производи. На овој начин граѓаните ќе можат да купуваат основни прехранбени производи, а потоа парите за платениот ДДВ да ги добијат назад на своите трансакциски сметки. Огромни се даночните приходи на државата поради инфлацијата, храната е во просек поскапена за 30%, а кај некои производи поскапувањето надминува дури и 100%. Како пратеници најмалку што можеме да сториме е да ја воведеме оваа времена мерка додека не се нормализираат цените на прехранбените производи. Граѓаните најчесто купуваат леб, зејтин, шеќер, сувомеснати и млечни производи, а не китови, ајкули и делфини како што мислат во Влада, вели Стојаноска.

Таа додава дека за крај, апелираме колегите од мнозинството сериозно да размислат за предложениот амандман за којшто ќе расправаме денес. За државниот буџет овие средства се незначителни, а за граѓаните и тоа како битни. Нека намалат владините функционери со испумпување на државните пари кон свои трансакциски сметки и ќе има пари за граѓаните.