Османи: Го поздравуваме засилениот ангажман на САД за борба против корупцијата

Го поздравуваме овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото и за борба против корупцијата, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како функцонер кој доаѓа од ДУИ, рече дека неговата партија е подготвена да предложи закон за ветинг и да биде носител на тој процес.

-Јас имав вчера едно мое искажување, а и претходно го потврдив на брифингот со вас дека двата новосоздадени инструменти, од една страна, Стратешкиот дијалог со САД и сите механизми што ги има и, од друга страна, отворањето на преговорите со ЕУ се двете страни на ножицата што треба да ја искорне корупцијата заедно со нас преку институциите. Апсолутно го поздравуваме овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото и за борба против корупцијата, рече министерот за надворешни работи одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со бугарскиот колега Милков.

Османи рече дека веднаш по почетокот на Стратешкиот дијалог, САД финансиски го помага делот за владеење на правото, а сега продолжува со дополнителни механизми преку поддршка од страна на експерти, искористување на нивните механизми, санкционирање, јавно именување…

-И тоа е нешто што ние го побаравме. Кога имавме дилеми дали ќе почнат преговорите или не, јас сфатив дека ќе останеме без таков мониторинг ако преговорите се одложат и не можеме да најдеме заедничко решение со Република Бугарија и тогаш побаравме од САД дајте да ја издигнеме на едно повисоко ниво, рече министерот за надворешни работи.

Тој вели дека „таму пишува за корумпираните актери“ што, според Османи, значи дека се работи за еден сеопфатен пристап и го дели ставот дека корупцијата во земјата не е само на ниво на политиката туку на секое ниво.

-Секаде каде што граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата има елементи на корупција и ништо не сме направиле ако нема сеопфатен пристап во овој дел. Сеопфатен пристап од портирот на врата до највисокиот функционер во државата, истакна Османи.

Како претставник на ДУИ, рече дека тие го предложиле ветингот и се спремни да предложат закон со којшто ќе бараат институциска проверка на секој кандидат за носител на јавна функција за да се даде можност секој што ќе конкурира за јавна функција да помине низ таков процес.

-Го поддржуваме тој процес, поддржуваме компромисна борба на сите нивоа, од најниско ниво до највисоко ниво и сме спремни да бидеме носители на тој процес, рече Османи.