Јовески оцени дека искажувањата на Грковска се атак на власта во самостојноста на обвинителството

Искажаните критики и лични ставови за него и за обвинителството од стрна на  вицепремиерката Славица Грковска, според јавниот обвинител Љубомир Јовески претставуваат атак врз самостојноста и мешање во работата на обвинителството, а на нејзиното оградување од неговата кандидатура за уставен судија укажува дека според негово мислење во Владата нема потреба од вицепремиер за политики за добро владеење и управување

Јовески смета дека се „неосновани, паушални и неточни“ оцените за неговата и за работата на Јавното обвинителство кои вицепремиерката Грковска ги изнесе во текот на синоќешното интервју за емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Во својата писмена реакција за јавноста, челникот на Јавното обвинителство укажува дека вицепремиерката со своето поведение и изнесените ставови, како носител на јавна функција од извршната власт, директно се меша во работата на Јавното обвинителство и ја загрозува неговата самостојност. За забелешките на Грковска дека за неа е поразително тоа што обвинителите немаат интегритет да одлучуваат независно, апострофирајќи го изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Јовески, пак, вели дека тие се неаргументирани.

„Повеќепати сум барал и сум инсистирал сите политички и други чинители да ги тргнат рацете од Обвинителството. Како јавен обвинител, но и во името на другите јавни обвинители, укажувам дека нема да прифатиме улога на ученици во која некој ќе ни кажува кој треба и по кој член да одговара ниту, пак, да кажува кој, каде и како треба да биде избран. За ова постојат прописи“, посочува Јовески.
Јовески индиректно одговара и на личното искажаното противење на Грковска во однос на неговата кандидатура за уставен судија. Како што таа смета дека тој нема покажано доволно за да биде унапреден, така и Јовески оценува дека функцијата која таа ја извршува е непотребна.

„Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело“, смета Јовески.

Според него, не се точни ниту тврдењата на Грковска дека се обезбедени сите услови за ефикасна борба против криминалот и корупцијата. Јовески укажува дека секоја година на нивната сметка недостигаат парите кои Владата е законски обврзана да им ги префрла.

„Ние имаме разбирање и за кризата предизвикана од ковид-19, за економската и за енергетската криза и прифаќаме дека буџетските издвојувања за институцијата во последните години се значително подобрени како заложба на Владата, но тоа не е доволно. Имено, иако со Законот за јавното обвинителство е предвидено висината на средствата за работа на Јавното обвинителство да изнесува најмалку 0,4 отсто од буџетот на Република Северна Македонија за тековната година, таа законска обврска за издвојување буџетски средства не е ниту еднаш исполнета. И покрај укажувањата за ваквите состојби, секоја година Јавното обвинителство добива едвај околу половина од буџетот кој го побарува и кој е неопходен за функционирање и за исполнување на задачите предвидени во Законот за кривична постапка. Буџетот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е зголемен во однос на претходните години, но и тој е далеку од реалните потреби. Јавното обвинителство работи со помалку од две третини од неопходниот број јавни обвинители, а таа состојба постојано се влошува. Во земјава има помалку од девет обвинители иако според Европската комисија за ефикасност на правдата, во европските земји, тој просек изнесува 12 обвинители на секои 100 000 жители. Состојбата не е подобра ниту кај јавнообвинителската служба, на што укажувам во сите мои јавни настапи. Доколку Грковска го посети Јавното обвинителство, изворно ќе биде информирана и за состојбата и за потребите за функционирањето на истражните центри“, наведува Јовески во писмената изјава.

Јавески притоа апелира до сите политичари да се воздржуваат од лични оценки донесени без реални и аргументирани основи и без познавање на состојбите во Јавното обвинителство.