Протест на вработени во тетовска „Медицинска пластика“, 16 години чекаат на исплата на плати

Дел од вработените кои работеле во АД Медицинска пластика-Тетово денеска одржаа јавен протест за да алармираат дека, иако изминуваат 16 години од почеток на стечајната постапка, тие сè уште чекаат да им се исплатат задоцнетите плати, здравственото и пензиското осигурување и акциите. Одлучиле да реагираат на денешниот ден преку јавен протест, бидејќи во 2006 година започнала стечајната постапка.

-Во моментот кога отидовме во стечај имаше пет најголеми доверители. Ние, вработените, со околу два милиони евра бевме најголеми доверители. Стечајот го покрена банка кон која имаше долг од околу 870 илјади евра. Имаме потпишано договори за вонсудска спогодба со обврска на раководството за три години да ни ги врати парите, за неисплатени плати што ни должеа. Ништо нема исплатено во текот на стечајната постапка. Од 2002 до 2006 немаме платено придонеси за здравствено и за пензиско осигурување, односно работен стаж, изјави Михајло Илиќ, еден од работниците.

Работниците велат дека револтот е голем затоа што нивната голгота трае со години. Тие бараат од државните институции да го решат нивниот проблем и на тој начин да докажат дека функционира правниот систем.

-Имаме сознанија дека фирмата се продава. Купена е за 300 илјади евра, а се продава за пет милиони евра. Немаме против, само сакаме да бидеме исплатени. Не бараме социјална помош од државата, туку бараме правата да ни исплатат тоа што е наше. За сите овие 16 години нема исплатено ниту една вонсудска спогодба, а нема исплата ниту за оние кои ја тужеле фабриката и го добиле спорот на суд. Го повикувам претседателот на РСМ и премиерот, да реагираат, изјави Верица Ивановска.

Во Медицинска пластика работеле околу 560 работници. Во погоните се произведувале материјали за еднократна употреба во медицината.