Имајќи ги предвид информациите за поставени бомби во основните училишта во Аеродром, апелираме на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во овие случаи, се огласија од Општина Аеродром.
Истакнуваат дека благодарение на брзото постапување, до сега сите дечиња се на безбедно, придружувани од своите родители или наставниот кадар.
-Според информациите кои ги поседуваме, во сите училишта е спроведен планот за евакуација, кој предвидува децата да бидат на безбедна дистанца од училиштата. Истовремено, родителите се повикани доколку се во можност, да ги земат своите деца од училиште.
Општина Аеродром одржува редовна и постојана комуникација со полициските службеници од Министерството за внатрешни работи. Сите наши ресурси се ставени на располагање до целосно завршување на потребните проверки, велат од Општината.