Обилните дождови присутни од вчера попладне дополнително ја влошија состојбата со поплавите во подрачјето на северниот дел на Албанија, посебно во општина Скадар.
Поради тоа првиот човек на општината Бард Спахиа, побара Владата да прогласи вонредна состојба во овој регион.
Спахиа побара максимално внимание, бидејќи ниту една ситуација не треба да се занемарува, уште повеќе во вечерните часови каде што е потешка интервенцијата на терен.
Според последните информации од штабот за вонредни состојби под вода има 3020 ха земја, 250 ха повеќе отколку што беше регистрирано вчера попладне, што е последица и на испуштањето вода од хидроелектраните, со цел да не дојде до пукање на браните.
Вода има во повеќе од 150 куќи, многу патишта се под вода и за неопходни минувања на располагање се армиски теренски возила.
Во повеќе населени места има прекин во снабдувањето со електрична енергија.