Пентагон сѐ уште не нашол докази за постоење вонземјани

Новата иницијатива на американското Министерство за одбрана да се истражуваат извештаите за неидентификуваните летачки објекти (НЛО) досега не пронашла докази дека вонземјаните ја посетиле Земјата, соопштија во петокот високи американски воени функционери.

Меѓутоа, настојувањата на Пентагон да се истражат необичните неидентификувани објекти, било да е во Вселената, на небото или под водата, резултирале со стотици нови извештаи коишто сега се истражуваат, соопштија американските функционери. Сепак, досега не е откриено ништо што би укажувало на тоа дека постои интелигентен вонземски живот.

„Досега не сум видел ништо во тие документи што би сугерирало дека се случила посета на вонземјани, пад на вонземско летало или нешто слично“, вели Роналд Моултри, потсекретар за одбрана задолжен за разузнавачката заедница и безбедност.

Шон Киркпатрик, директор на Бирото за решавање на аномалии од сите области (AARO) при Пентагон, не ја исклучи можноста дека постои живот во Вселената, истакнувајќи дека на истражувањата им се пристапува со научни методи.

„Ќе кажам само дека ги структурираме напите анализи на начин да бидат многу темелни и ригорозни. Сѐ ќе проучиме. Како физичар, морам да применувам научна метода и ќе ги следам податоците и науката на каде и да водат“, изјави Киркатрик на првата прес-конференција откако AARO беше основан во јули годинава.

Во AARO ќе се фокусираат на необјасниви активности во близина на воените локации, во ограничениот воздушен простор и „други области од интерес“, со цел да бидат идентификувани можни закани за безбедноста на американските воени операции и за националната безбедност.

Извештајот на американската влада од минатата 2021 година документирал повеќе од 140 случаи на „неидентификувани воздушни феномени“ (UAP) од 2004 година. Сите, освен еден инцидент кој се припишува на голем балон, не се објаснети и се предмет на проучување, се наведува во извештајот.

За другите 143 случаи во извештајот се наведува дека постојат премалку податоци за да може да се заклучи дека станува збор за некои егзотични воздушни системи кои ги развила во тајност американската влада, некоја компанија или странски сили како Кина и Русија.

Извештајот од 2021 година вклучува и некои неидентификувани воздушни феномени кои се веќе објавени во видеото на Пентагон за таинствените објекти кои се движат со брзини и на начин кој ја надминува познатата технологија.

Киркпатрик рече дека од тогаш се документирани уште неколку стотици случаи. Точниот податок ќе биде наскоро објавен, но висок морнарички офицер во мај рече дека вкупниот број пријавени случаи веќе достигнал 400.

Американскиот Конгрес претходно оваа седмица го усвои законот за потрошувачка во одбраната и со кој се повикува Пентагон да изготви извештај за податоците коишто американската влада ги собрала за појавите за НЛО од 1945 година.

„Тоа ќе биде навистина голем истражувачки проект“, изјави Киркпатрик, додавајќи дека Конгресот сака AARO да ја истражува целата документација, дури и онаа со најголем степен на доверливост за којашто знае само мал број луѓе.

Американското воено воздухопловство во претходната истрага под насловот „Проект сина книга“ (Project Blue Book), која е затворена во 1969 година, собрало список со 12.618 забележувања од кои 701 се однесувал на објекти коишто официјално се сметаат како „неидентификувани“.

Во 1994 година, воената авијација објави дека ја завршиле истрагата за инцидентот кај Розвел во Њу Мексико од 1947 година. Се тврди дека материјалите најдени кај Розвел се во согласност со теоријата дека станува збор за пад на метеоролошки балон, како што американската војска отсекогаш тврди и го објаснува тој настан, и дека никакви документи не упатуваат на тоа дека таму биле најдени тела на вонземјани или вонземски материјали.