Пјонгјанг успешно тестирал шпионски сателит

Севернокорејската државна новинска агенција KCNA во понеделникот објави дека Пјонгјанг извел „важна последна фаза“ од тестирањето за развој на шпионски сателит, пренесуваат светските новински агенции.

Веста на KCNA следи откако армијата на Јужна Кореја и на Јапонија објавија дека Северна Кореја лансирала две балистички ракети со среден дострел кон морето во близина на источниот брег на Корејскиот полуостров во неделата.

„Националната управа за вселенски развој (NADA) изврши тестирање во северозападниот дел на земјата со цел да се испитаат можностите на сателитско снимање, пренос на податоци и системот за контрола“, извести KCNA.

„Потврдивме важни технички индикатори, како што се технологијата за работа на камерата во вселенско опкружување, способноста за обработка на податоци и пренос на уреди за комуникација, точноста на следењето и контролата на системот за контрола од Земја“, истакнал портпаролот на NADA.

Додал дека тестирањето на разузнавачко-извидувачкиот сателит ќе биде завршено до април.

Северна Кореја изврши голем број ракетни тестирања годинава, вклучително и на интерконтинентална балистичка ракета, којашто може да понесе нуклеарна боеава глава и е способна да стигне до копното на САД.