
-Jас сум на страната на мојот народ, на праведните и чесните и законот важи за сите во Кисела Вода, подеднакво. И тоа ќе биде така сѐ додека јас сум градоначалник!
Ако некој толерирал самоволие десеттина години – јас нема да толерирам!, објави на својот фејсбук профил, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска присуствуваше на расчистување на улицата „Банско“.
Жителите на оваа улица реагираа до Општината дека немаат пристап до своите домови затоа што на местото каде што треба да се движат слободно и да има улица (според ДУП), истурен е песок и се паркирани повеќе возила од соседни жители. Проблемот не можеле да го решат меѓусебно, па се обратиле за помош во Општината.
Ѓорѓиевски додава: „И без разлика кој на која позиција се наоѓа, кој на кого е пријател, другар или роднина – никој нема право од позиција на моќ да се заканува и да узурпира државен имот и со тоа да малтретира десеттици фамилии кои се попречени да стигнат до своите домови.
Денес, долгогодишната голгота на жителите на улица ,,Банско” завршува.
Од денес се надевам дека ќе има мир, а со сигурност ќе има нова улица на местото кое досега беше узурпирано.
Кај мене нема повластени, заштитени и дискриминирани. За мене сите се исти, бидејќи Кисела Вода е наш заеднички дом!, напиша градоначалникот.