
Мексиканските власти му дадоа азил на семејството на поранешниот перуански претседател Педро Кастиљо, објави мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард, цитиран од Ројтерс.
На редовната прес-конференција, Ебрард посочи дека Мексико во моментов преговара за да обезбеди дозвола за семејството на Кастиљо да го напушти Перу.
„Тие добија азил, бидејќи се на мексиканска територија. Моментално се во нашата амбасада во Перу“, рече министерот. Тој не прецизираше колку и кои роднини на левичарскиот политичар се во мексиканската дипломатска мисија во Лима. Поранешниот лидер има две деца и се грижел за помладата сестра на неговата сопруга.
Според перуанските власти, самиот Кастиљо се обидел да побегне во амбасадата, но неговиот притвор ја спречил неговата намера.
На почетокот на овој месец, тој беше сменет и уапсен откако се обиде да го распушти Конгресот (парламентот).
Самиот Конгрес се очекува подоцна денеска да разговара за распишување предвремени избори и покрај судирите што избија на улиците на перуанските градови меѓу безбедносните сили и демонстрантите приврзаници на Кастиљо по неговото соборување, јавува Асошиејтед прес. Станува збор за предлог следните редовни претседателски и парламентарни избори, кои треба да се одржат во 2026 година, да се одложат за следната година.