Заканите со бомби покажуваат дека системот не функционира, потребно е да заседава Советот за безбедност, вели Мицкоски

-Овае ова со лажните дојави за бомби само покажува уште еднаш колку ни е системот поразен и колку е нефункционален, односно раководните лица кои функционираат во тој систем, кои ги раководат институциите, се неспособни да ги раководат правилно како што треба, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето интервју за МТВ во врска со заканите со бомби.

Мицкоски укажа дека повеќе од јасно е дека Пендаровски, Ковачевски и Спасовски се крајно неспособни и нивното функционирање е катастрофално. Во врска со цела оваа ситуација потребно е Пендаровски да го свика Советот за безбедност.

-Пендаровски наместо да го свика Советот за безбедност, одлучи да делува како аналитичар и цело време тој е згрозен, тој е збунет, шокиран и така натаму, но без да каже ништо конкретно. Кога станува збор пак за Ковачевски и Спасовски се е кажано, мислам дека јавноста се знае и нема потреба што дополнително јас да кажувам, бидејќи нема да кажам ништо ново ако речам дека тие луѓе се крајно неспособни и дека нивното функционирање, начин на работење е катастрофално, тоа го кажуваат и граѓаните на јавните мерења. Тоа практично го чувствува и секој еден човек во Македонија. Да сублимирам, овие би рекол лажни бомби или инциденти, само ја покажуваат уште еднаш нефункционалноста на системот, рече Мицкоски.

Тој порача дека политичарите од власта не прават ништо за да се надмине овој проблем и дека треба да си заминат и да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици.

-Се сеќавате на она момче кое беше уапсено дека наводно тој е човекот кој што ги испраќал овие лажни дојави за бомби што беше сведено на ниво на комедија, на пародија практично, сето тоа функционирање на МВР и истражните органи за да истата вечер момчето биде ослободено. Така функционира системот, несериозни луѓе, луѓе без визија кои се водат само од лични интереси, прават таков тип на комедија и пародија во функционирањето на институциите. Не сум од оние луѓе кои веруваат во теории на заговори, па поврзуваат дека ова е некаков си хибриден напад, па ќе се формираат некакви си тела за справување со хибридни напади. Едноставна е работата, имаме систем кој е поразен, треба да дојдат луѓе кои знаат како да се справат со овие предизвици бидејќи е срамота, не само за државата, туку срамота е што оваа држава како членка на НАТО прави проблем на останатите земји во НАТО бидејќи знаете системот односно синџирот е силен онолку колку што најслабата алка во него е силна. Ако сме ние таа најслаба алка системот нема да се скине кај најсилните алки, ќе се скине кај најслабата. Ова е навистина аларм и за нашите партнери во НАТО алијансата, не треба како политичар често устата да ви е полна со НАТО-ЕУ-НАТО-ЕУ туку да видиме што правите вие за да ги спроведете тие вредности. Очигледно дека нашиве политичари не прават ништо, додаде Мицкоски.