Путин со воениот врв ја сумираше оваа и ги одреди целите за следната година

Рускиот претседател Владимир Путин во средата одржа проширен состанок на колегиумот на Министерството за одбрана сумирајќи ги активностите на руската војска во текот на 2022-ра и одредувајќи ги целите за следната 2023 година, при што посочи дека единиците треба да ги воочат проблемите со кои се соочуваат на боиштето во Украина, ветувајќи притоа целосна неограничена поддршка за вооружените сили.

На почетокот состанокот започнат со едноминутно молчење во спомен на сите загинати припадници на руските сили во историјата, и изразувајќи благодарност за учесниците на борбените дејствија во Украина, Путин истакна дека е неопходно да се проучи дејствувањето на оружјето на НАТО коешто го користи украинската војска во војната, и она кое го заплениле руските единици.

Воените потенцијали и способностите на речиси сите големи земји од НАТО, истакна Путин, активно се користат против Русија но руските војници успешно се справуваат знаејќи дека станува збор за војна на колективниот Запад против нивната татковина.

„Познати се сите информации за силите на НАТО, средствата кои се користат… го имате сето тоа, тоа треба внимателно да се анализира за подготвување на нашите вооружени сили, за зголемување на борбените способности на нашите трупи, како и за нашите специјални служби“, рече Путин на состанокот од кој дел беше пренесуван директно преку медиумите.

Рускиот челник зборувајќи за новите предлози за зголемување на активниот состав на руските војски, што е интенција на сите големи армии во светот последните години, призна дека септемвриската делумна мобилизација на 300.000 резервисти се соочила со одредени организациски проблеми, главно во поглед на лицата кои потпаѓаат од обврска.

„Како што ви е на сите добро познато, спроведената делумна мобилизација откри одредени проблеми кои треба навремено да се решаваат. Тоа се однесува, во прв ред, на дигитализација на базите на податоци, соработката со локалните и регионални власти, што бара ажурирање на системот за цивилна и територијална одбрана и стопанството…“, рече рускиот претседател.

Во врска со бројните критики во јавноста дека регрутните центри повикале многу лица кои не потпаѓаат под мобилизацијата или не ја добиле соодветната опрема , Путин додаде и дека Додаде дека министерството за одбрана мора да ги „следи сите граѓански иницијативи, да ги уважи критиките и на нив коректно и правовремено да реагира“.

Притоа Путин посочи дека мора да се подобри и системот за набавка и складирање на оружјето и опремата и нивно поефикасно распоредување до единиците и формациите создадени со мобилизацијата.

 

Нема финансиски лимит за потребите на војската

Во тој контекст Путин рече дека не постојат финансиски ограничувања за она што владата ќе го обезбеди во поглед на воената опрема. Притоа навести целосна замена со современа опрема „до најмали ситници“ од средствата за медицинска помош и личната опрема до новите системи оружја.

„Немаме финансиски ограничувања. Државата и владата го обезбедуваат сѐ што ќе побара војската… Сѐ мора да биде на најсовремено и највисоко ниво“, рече рускиот челник.

Путин додаде дека од јануари во редовната опрема во руската армија ќе бидат внесени некои современи видови оружја коишто „немаат аналогни примероци во светот“, како што ги опиша хиперсоничните проектили „Циркон“ кои ќе бидат во вооружувањето на воената морнарица,

Во продолжение зборувајќи за воените дејствија на украинското боиште долго повеќе од 1.100 километри, Путин истакна дека искуството од десетмесечната воена кампања покажало дека употребата на беспилотните летала станала „речиси сеприсутна“ и оти таквиот вид вооружување „треба да го има во сите борбени формации“ во комбинација со најсовремените технологии.

„Беспилотните летала мора да бидат меѓусебно вмрежени, интегрирани во единствена извидувачка мрежа… Имаме добро искуство во развојот на уникатните подводни автономно управувани уреди. И знам дека индустријата ги има сите можности да создаде широк спектар воздушни и копнени беспилотни уреди со најдобри и највисоки карактеристики, вклучително и елементи на вештачка интелигенција“, рече Путин.

 

Модернизација на нуклеарната тријада, најава на „Сармат“

Таканаречената „нуклеарна тријада“ на најсилните армии во светот подразбира стратешка авијација на долги летови, интерконтинентални балистички ракети кои можат да понесат нуклеарни боеви глави и поморски и подморнички ракетни носачи на таквите проектили. Последните години и НАТО и Русија работат на нивно модернизирање, во прв ред на носачите на нуклеарното оружје, како и во ограничувањето на нивното дејствување.

Руските стратешки ракетни сили бројат 50.000 припадници од вкупно активни 900.000 војници, според податоците на Меѓународниот институт за стратешки студии во годишниот извештај „Воена рамнотежа“, објавен една седмица пред почетокот на руската инвазија во Украина. Но, од почетокот на војната започнаа меѓусебните обвинувања меѓу Москва и Западот за нуклеарни закани, преиспитувањето на сопствените доктрини и предупредување од погубноста од употребата на таквиот вид оружје.

„Нивото на современо вооружување во стратешките нуклеарни сили надмина 91 отсто. Продолжува новото опремување на полковите на стратешките ракетни сили со модерните системи со хиперсонични боеви глави ‘Авангард’. Во блиска иднина интерконтиненталните балистички ракети ‘Сармат’ првпат ќе бидат ставени на борбена
должност“, рече Путин.

„Сармат“ е огромна ракета и тежи дури 208 тони, а долга е околу 35 метри. И покрај тоа, развива брзина од над 25.000 километри на час и има опсег на дејствување од околу 18.000 километри. Може да понесе од 10 до 15 боеви глави и мамки, секоја со капацитет до 750 килотони и може да погоди повеќе локации од една оддалечени со илјадници километри, на пример во САД или во цела Европа.

Овој сегмент од состанокот Путин го заклучи со пораката дека Русија ќе продолжи да ја одржува борбената готовност и ефикасност на нејзината нуклеарна тријада повторувајќи дека таа претставува „гарант на зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет, стратешкиот паритет и рамнотежа на мирот во светот“.

 

За Путин војната е трагедија. а Украинците се „братски народ“

Рускиот претседател повеќепати изјавуваше дека и покрај тешкотијата не се кае поради покренувањето на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, потсетувајќи дека Западот, во прв ред САД и НАТО, го одбија предлогот на Русија од декември 2021-ва за договор кој ќе ѝ даде безбедносни гаранции на Москва.

За Путин, Русија немала избор освен да им се „спротистави на арогантните западни сили“ кои го поттикнувале „Киевскиот режим“ на антируско дејствување. Објавувајќи го почетокот на инвазијата во Украина на 24-ти февруари, Путин посочи дека осоколената украинска власт во март се подготвувала за воено решение на прашањето со побунетото доминантно руско население на југоистокот од земјата и спроведување геноцид врз него и протерување од неговите домови.

Во средата Путин повтори дека двата народа се исклучително блиски и поврзани и оти и натаму ги смета Украинците за „братски“ народ.

„Она што се случува, се разбира, е трагедија, наша заедничка трагедија, но тоа не е резултат на нашата политика. Напротив. Тоа е резултат на политиките на други земји, трети земји, кои секогаш тежнееја кон тоа – распад на рускиот свет. Во одредена мера успеаја во тоа, туркајќи не до линијата на којашто сме сега“, истакна Путин.

 

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу по воведното излагање на претседателот Путин во подготвениот извештај истакна дека воените дејствија ќе продолжат до крајното исполнување на зададените задачи.

Шојгу притоа истакна дека руските сили активно го уништуваат воениот потенцијал на Украина, и ги обвини западните земји, предводени од САД и Велика Британија, како и НАТО, дека се обидуваат да го продолжат судирот со попречување на мировните преговори, а во прв ред сѐ поголемото испраќање оружје и платеници, како и на интензивирањето на обуките на украинските сили.

Притоа Шојгу реферирајќи дека Русија го забрзува распоредувањето на модерното вооружување во единиците, изнесе неколку предлози за коишто Путин предложи детално да се дискутира на затворениот дел од состанокот.

Меѓу предлозите што ги изнесе во текот на преносот рускиот министер за одбрана беше и она за подигнување на возраста за задолжителното служење на воениот рок од досегашниот распон од 18 до 27 години – на од 21 до 30-годишна возраст. Шојгу, исто така, рече дека се планира зголемување на бројност на војниците за околу сто до двесте илјади од сегашниот редовниот состав на 1,5 милиони војници, вклучително и 695.000 војници по договор. Предложи и да бидат преземени мерки за создавање борбена групација на северозападна Русија, земајќи ги предвид стремежите на НАТО да ги зголеми своите борбени групи војски во земјите на руските граници.