Собраниската расправа за дополнетиот Предлог-буџет за 2023 продолжува утре

Пратениците попладнево ја продолжија расправата за Дополнетиот предлог-буџет за 2023 година.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој буџет е неразвоен, социјален и затоа, како што велат, ќе имаме галопирачка инфлација и граѓаните ќе доживеат уште поголема сиромаштија. Посочија дека се крати во многу министерства, во Министерството за транспорт и врски се намалуваат од 10 до 22 отсто во однос на проектите за водовод и канализација за општините, во МЗШВ има драстично намалување на ставките во делот на водостопанство за 12,2 милиони евра. Во истиот буџет, како што велат, кратите една милијарда денари за исплата на директните субвенции во земјоделството.

Бети Стаменкоска – Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека овој буџет е, како што рече, стартешки лажен и манипулаторен, 94 проценти се крати ставката за зелен развој. Праша дали ќе има даночни реформи, како ќе се спроведуваат кај населението и кај фирмите. Според неа, се дискутира за правно неиздржан буџет, кој, како што рече, е највисок, најнереален, најинфлаторен и најрасипнички буџет досега. Додаде дека се е на товар на граѓаните кои, како што рече, живеат се посиромашно.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ истакна дека распределиле средства за поголеми плати, за поголеми пензии, за изградба на спортски сали, реконсктрукција на 118 училишта, за нови градинки, за граѓаните, за локален регионален развој во сите општини…

– Ние работиме со приоритети за граѓаните и за државата, со отчетност и транспарентност и го почтуваме ветеното, нагласи Лазаревска. Таа информира дека од овој буџет се предвидени 800 милиони евра за капитални инвестиции, 250 милиони евра за поддршка и за справување со енергетската криза, 120 милиони евра за зголемување на пензии, 20 милиони евра за рурален развој, 11 милиони евра за рамномерен регионален развој, шест милиони евра за локални патишта, четири милиони евра за реконструкција на основни училишта, 2,3 милиони евра за реновирање на студентски домови…

-Имаме пари и за поголеми студентски стипендии, за израмнување на студентските стипендии и за воведување нови стипендии. Ќе го субвенционираме студентскиот оброк, онака како што сакаат студентите, потенцира Лазаревска.

Во попладневниот дел од расправата се дискутираше и за основното образование, за различните програми и проекти кои досега се спроведувале во нашиот образовен систем, за грешките во учебниците, реформите, дигитализација, пристапот кон авторите на учебниците…, изградбата на детски градинки, како и за платата, стандардот на граѓаните, инфлацијата, стопанството, сивата економија…

Како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски расправата за Дополнетиот предлог-буџет за 2023 година ќе продолжи утре во 12 часот.

Мисовски упати честитка до сите припадници на турската заедница во земјава по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.