Со Буџетот за 2023 година, кој е во собраниска процедура во моментов, се планира наредната година да има 26,7 милиони евра или 5 насто повеќе пари за плати на јавната администрација. Сепак, ова зголемување не е рамномерно за сите 16 министерства, анализира финансискиот магазин „Пари“.
Апсолутен победник во категоријата најголемо зголемување на платите ќе бидат 664 вработени во Министерството за финансии. Новата година тие ќе ја стартуваат со дури 32,7 насто поголема просечна месечна бруто-плата по вработен.
Платата ќе се зголеми за речиси 250 евра и ќе изнесува 987 евра (60.685 денари). Втори на листата со зголемување на просечната месечна бруто-плата се во Министерството за образование. Ова министерство ќе подели плати на 7.406 вработени, при што просечната месечна бруто-плата ќе се зголеми за 29,77 насто или 956 евра (58,822 денари). Трети на листата се вработените во Министерството за одбрана, каде што просечната месечна бруто-плата за 7.468 вработени ќе биде 895 евра (55,068 денари).
Од министерствата за финансии и образование за www.pari.com.mk не одговорија на што се должи големиот пораст на платите. Само од Министерство за одбрана дадоа појаснување: „Зголемувањето на средствата за плати во буџетот на Министерството за одбрана за 2023 година се должи на предвидениот прием на нови 500 професионални војници, за кои се обезбедени средства за исплата на бруто-плата, потоа на предвидениот прием на питомци од Воената академија, прием на офицери со дошколување, како и на зголемувањето на платите на припадниците на Армијата со донесените измени во Законот за служба во Армијата, од октомври 2022 година”, велат од министерството.
Како што има победници, во распределбата на буџетските пари за плати, има и губитници. Но, тоа било фиктивно, велат во министерствата каде се намали просечната месечна бруто-плата по вработен или кои добија помалку пари за плати во споредба со 2022 година. Убедливо најголемо намалување има во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, каде просечната месечна бруто-плата по вработен е намалена за 11,3 %. Следува Министерството за локална самоуправа со 8,16 % намалување и Министерството за транспорт и врски со 2,1 % намалување.
Од сите три министерства за www.pari.com.mk одговорија дека нема да има намалување на платите за вработените.
Од министерството на Артан Груби велат дека „Во МПСОЗ нема да има намалување на нето-платата по вработен, туку драстично се намалува бројот на вработените поради преземања од други институции од јавниот сектор, и на овој начин се добива погрешен впечаток дека ќе се намалува бруто, односно нето-платата по вработен. Во МПСОЗ дури има желба и стремеж да се поднесе иницијатива да се покачуват платите во јавниот сектор.”
Од Министерството за транспорт и врски со ист одговор: „Сакаме да Ви потенцираме дека оваа година немаше намалување на платите за вработените и, исто така, да Ви потенцираме дека и следната година нема предвидено намалување на платите за вработените”.
Но, веројатно најјасно објаснување зошто кај некои министерства има намалување на просечната месечна бруто-плата по вработен дадоа од Министерството за локална самоуправа:
„Намалувањето на буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2023 година во делот за плати за 8,16 %, не значи и намалување на платите на вработените во Министерството. Намалувањето на буџетот за плати е резултат на планирани, но нереализирани нови вработувања во 2022 година, како и планирани, но нереализирани средства за додаток на плата за зголемен обем на работа. Доколку во 2023 година има реална потреба од дополнителни средства по овој основ, може да се направат корекции со ребалансот на буџетот. Целта на Министерството за локална самоуправа е да ги намали сите непродуктивни трошоци во работењето и да не врзува буџетски средства без реална проценка на потребите и без осигурани услови за нивна целосна реализација”, велат од Министерството за локална самоуправа.
Задебелениот текст можеби најдобро ја отсликува досегашната пракса на планирање на буџетот за плати, која сега се напушта бидејќи е криза и нема доволно средства.
Пресметката за нето-плата е правена со калкулаторот https://plata.m.ie.mk/