Јужна Кореја го потврди првиот случај на зараза со паразитот „мозочен црв“

Јужнокорејските здравствени власти го идентификуваа првиот случај на зараза со видот амеба Неглерија Фаулер којашто го напаѓа човековиот мозок, соопштено е во понеделникот.

„Корејската агенција за контрола и превенција на болести (KDCA) првпат потврди зараза со Неглерија Фаулер кај починат со менингитис кој неодамна се вратил од странство“, се наведува во објавата на здравствените власти во Сеул.

Починатиот четири месеци минал на Тајланд, по што на 10-ти декември се вратил во Јужна Кореја. Починал единаесет дена подоцна, а претходно се жалел на главоболки, треска, повраќање, говорна дисфункција и други симптоми. Здравствените власти по дополнителните тестови утврдиле дека починатиот бил заразен со амебата Неглерија Фаулер.

Станува збор за првиот официјално потврден случај на ова заболување во Јужна Кореја. Од KDCA додаваат дека ќе го испитаат точниот пат на заразата на пациентот, но се истакнува дека контактот со контаминирана вода е главниот начин за инфекција, која влегува во телото преку носот и мигрира во мозокот на пациентот.

Амебата може да предизвика примарен амебен менингоенцефалитис, инфекција на мозокот и е позната и како „мозочен црв“ кој го „јаде“ мозокот на заразениот. Симптомите на инфекција се развиваат брзо и инфекцијата е фатална, па затоа е важно раното откривање на болеста.

Амеба Неглерија Фаулер е паразит предизвикувач на смртоносната болест на нехериоза. Болеста влијае на очите, белите дробови, кожата, мозокот и централниот нервен систем. Неглерија Фаулер е откриена од Фаулер пред 50 години.