Собранието денеска ја донесе измената на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на држжавата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот ЅАРЅ-Со\/-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението.
Одлуката беше донесена со 44 гласа „за“ и 22 „воздражани“. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано, бидејќи, како што истакна пратеникот од оваа партија Драган Ковачки, таа треба да се однесува само на мигрантите, а не и за ковид кризата.
– Ковид кризата не треба воопшто да се споменува во овој контекст затоа што таа работа одамна е надмината, а ние до денес не добивме променета одлука, затоа што се доведуваме во ситуација да гласаме нешто што не е. Втората работа е дека МВР треба да има сопствени капацитети да се бори со мигрантската криза, рече Ковачки.
Тој додаде дека е зголемен протокот на мигранти и на дневно ниво се откриваат од 30 до 40 лица, за што е одговорна власта, која, според Ковачки, дала амин да се врши проток на мигранти.
Пратеникот праша зошто има потреба од учество на дел од Армијата на јужната и на дел од северната граница и обвини дека во МВР наместо „да се градат капацитети, се уништува се, има целосна партизација, вработување на поранешни градоначалници, пратеници, лица кои изгубиле на изборите и криминалци ставени на челни позиции…“
На дневен ред на оваа седница беше и Предлог на законот за задруги, но бидејќи немаше претставник на предлагачот, оваа точка е оставена за друго продолжение на седницата.