Кинески TikTok забранет на сите уреди на Конгресот на САД

Администрацијата на американскиот Конгрес ја забрани во вторникто употребата на популарната кинеска видео-апликација Tik-Tok на сите уреди во сопственост на Претставничкиот дом на САД, соопшти администрацијата на Конгресот.

Одлуката е донесена пред да стапи во сила законот за забрана на користење на оваа апликација на уредите на американската влада, што се очекува наскоро.

„Апликацијата TikTok се смета за висок ризик поради голем број безбедносни прашања и мора да биде отстранета од сите уреди со кои управува Претставничкиот дом“, напиша шефот на административниот оддел во пораката испратена до сите пратеници.

Почнувајќи од минатата седмица, најмалку 19 сојузни држави делумно го блокираа TikTok на уредите што ги користат владините претставници поради загриженоста дека кинеската влада може да ја користи апликацијата за следење на Американците и цензурирање на содржината.

По таквата одлука донесена во Сенатот пред две седмици, и долниот дом на американскиот Конгрес, односно Претставничкиот дом сегеа прифати текст со кој се забранува преземање и користење на TikTok на службените апарати на функционерите и вработените на сојузно ниво.

Ова прашање долго беше една од црвените линии само за републиканците, но по него последниот период беше постигнат поширок консензус, па демократската претседателка на заминување на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси најави дека за текстот ќе се гласа до крајот на оваа седмица.

Во друг законски предлог кој пред десетина дена го подготвија пратеници од двете партии, кусо и јасно се бара целосна забрана на TikTok во САД, што пред крајот на својот мандат во 2020 година, безуспешно се обидуваше да го стори претседателот Доналд Трамп.

Челниците на „ByteDance“, компанијата сопственик, која во САД ја обвинуваат дека и самата е под вистинска контрола на Комунистичката партија на Кина, донесоа неколку мерки за да ги увери американските власти дека податоците на американските корисници на платформата TikTok се заштитени, во прв ред со нивно чување на серверите во САД. Сепак, признаа дека некои нејзини вработени во Кина имаат многу ограничен пристап до тие податоци.

„Комунистичката партија на Кина никогаш не барала до нас да ги споделуваме тие податоци“, редовно истакнуваат од TikTok, додавајќи дека на владејачката кинеска партија никогаш не ѝ пренесувале информации за американските корисници и „нема тоа да го сториме, доколку тоа биде барано од нас“.