![putin ksi video vrska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/11/putin-ksi.jpg?resize=696%2C444&ssl=1)
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека се очекува кинескиот претседател Кси Џинпинг пролетта 2023 година да пристигне во државна посета на Русија, што би претставувало демонстрација на блиските односи меѓу Москва и Пекинг и потврда на стратешкото партнерство договорено во февруари годинава.
Во разговорот на двајцата челници во текот на видео-конференцијата пренесувана на јавната телевизија Путин рече „Ве очекуваме претседателе, драг пријателе, ве очекуваме напролет во државна посета на Москва“.
Оваа посета, како што нагласи Путин, на светот ќе му ја покаже „блискоста на руско-кинеските односи“. Во осумминутниот разговор рускиот челник рече дека односите меѓу двете земји стануваат сѐ поважни како фактор на стабилизација, како и дека целта е зајакнување на воената соработка меѓу Русија и Кина.
Пред два дена заврши последната заедничка руско-кинеска поморска вежба во Источноконеското Море која траеше седум дена. Русија и Кина, особено последните пет години интензивно соработуваат на полетот на одбраната, и годинава веќе одржаа неколку големи маневри на копнените војски, поморски патролирања и патроли на стратешките авијации на двете земји во Пацификот.
Кси од своја страна во разговорот нагласи дека Кина е „подготвена на зајакнување на стратешката соработка со Русија во моментот кога светот е во тешка ситуација“.
Односите меѓу двете земји коишто, како што беше речени, „не познаваат граници“, добија уште поголема важност по руската инвазија на Украина на 24-ти февруари.
И покрај инсистирањето на САД, Кина да се дистанцира од Русија особено во поглед на војната во Украина, и толкувањата во Западните медиуми дека кинескиот челник Кси Џинпинг му искажал забелешки на рускиот претседател Владимир Путин во врска со украинската криза, јавно нема такви забелешки од страна на Пекинг
Путин во разговорот со Кси порача дека сака зајакнување на воената соработка со Кина, пофалувајќи го отпорот на Москва и Пекинг пред притисоците од Западот.
„Во контекстот на невидените притисоци и провокации од Западот, ни ги браниме нашите принципиелни позиции“, рече Путин и додаде дека „координацијата меѓу Москва и Пекинг на меѓународната сцена (…) служи за создавање праведен светски поредок втемелен на меѓународното право“.
Путин посочи дека во руско-кинеската соработка „особено место зазема одбранбената и техничка соработка која придонесува за безбедноста на нашите земји и одржување на стабилноста во клучните региони“. Истакна и дека двете сили „имаат намера да ја зајакнат соработката меѓу вооружените сили на Русија и на Кина“.
Откако Западот воведе против Русија санкции без преседан поради нејзината инвазија во Украина, Путин повеќепати порача дека Москва целосно ќе се сврти кон другите региони во светот, во прв ред кон Азија и особено Кина. Извозот на руските енергенси значително се зголеми и сега Русија којашто е вториот најголем произведувач на нафта во светот стана најголем снабдувач на Кина којашто е најголемиот светски потрошувач на нафта. Путин минатата седмица го означи почетокот на проектот на ново сибирско наоѓалиште на гас насочено кон Кина, како дел од новиот гасоводен проект Моќта на Сибир 2
Русија првите значителни испораки на гас за Кина ги започна кон крајот на 2019 година преку сибирскиот гасовод „Моќта на Сибир“ кој во минатата 2021 година испорачал повеќе од 10 милијарди кубни метри гас, а полниот капацитет од 38 милијарди кубни метри би го постигнал во 2025 година.
Русија во моментов е третиот најголем испорачувач на гас во Кина. Но во февруари годинава Путин и Кси договорија испорака на дополнителни 10 милијарди кубни метри гас во Кина преку својот нов помал гасовод од рускиот Далечен исток до кинескиот североисток. Русија работи и на изградбата на уште еден гасовод „Моќта на Сибир 2“ преку Монголија со што би испорачувала дополнителни уште 50 милијарди кубни метри од енергенсот годишно во Кина.
Минатата седмица Путин изјави дека споменатите проекти би ѝ овозможиле на Русија да ја зајакне продажбата на гасот во Кина за 48 милијарди кубни метри на Кина до 2025 година, односно на повеќе од 88 милијарди кубни метри гас до 2030 година.