Дали нѐ очекува заедничка влада на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, а елиминирање на ДУИ и на Стево Пендаровски?!

Порталот Плусинфо, во два текста објавени вчера и денес пишува дека во СДСМ во тек е обид за пуч, односно дека Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот избраник Ковачевски за што барал сојузници на сите страни па дури и во врвот на ВМРО ДПМНЕ. Според порталот на 21 месецов, во партиското седиште на Бихаќка се одржал состанок на кој Заев дошол во придружба на екс министерот за здравство Венко Филипче, а освен Ковачевски на средбата присуствувале и Зечевиќ, Шекеринска и други членови од најтесното раководство на партијата. Коментирајќи ги лошите партиски рејтинзи, Заев според Плусинфо, изложил план во кој најважни биле три точки.

-Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите, пишува Плусинфо.

Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Во расправата подоцна, Филипче се согласил со можноста и ДУИ да влезе во Владата, но Заев останал на своето.

Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ, пишува порталот додавајќи дека ваквиот план бил отфрлен, а Заев ја продолжил подготовката за битка против својот наследник на кормилот на СДСМ со цел да го собори Ковачевски најдоцна до следниот партиски конгрес.

Улогата на Американците со драмата во СДСМ, како што пишува Плусинфо, е поврзана со најавената борба против корупцијата која е неизбежна без да се отвори фронт со дел од актуелната политичка гарнитура на власт, но и да не ги засегне интересите на Зоран Заев. Тоа, пишува денеска порталот, било главен мотив Заев да се врати на политичката сцена.

На состанокот на 21 декември на Бихаќка, Ковачевски прилично јасно и директно му соопштил на Заев дека му е позната агендата на Американците и дека САД во ова раководството на СДСМ и во Влада ќе има партнер во спроведување на тие приоритети,.пишува Плусинфо.

Порталот темава ја завршува со прашањето дали е можно Заев да е во договор со Христијан Мицкоски кој вчера не ги коментираше директно овие информации за превирања во СДСМ, но рече дека е охрабрен што пратеници од владејачката коалиција праќале јасни сигнали дека ќе поддржат предвремени парламентарни избори. Плусинфо на крај го поставува прашањето, дали тоа се оние седум пратеници како што тврделе луѓе блиски до Заев, се спремни да излезат од парламентарното мнозинство и да ја урнат владата на Ковачевски?