Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ соопшти дека, според неговите информации, причината за потонувањето на сплавот „Фристајлер“ е тоа што на него се качиле два до три пати повеќе луѓе од дозволеното и дека понтоните што биле додадени на сплавот не биле со иста издржливост како претходните.
Шапиќ вели дека ќе има контроли и драконски казни, но и кривична одговорност, објави ртс.рс.
„Ќе се обидеме да извлечеме поука од ова за никогаш повеќе да не се повтори и да одговараат оние кои следниот пат ќе пуштат поголем број луѓе од пропишаното, а ќе треба да се испита и квалитетот на понтонот и да се даде јасен услов колку луѓе можат да влезат. Ќе имаме контроли, ќе има драконски казни, ќе одговараат кривично, без разлика дали нешто ќе се случи или не“, нагласи Шапиќ.
Тој посочи дека настанот го отвора прашањето дека токму сега, кога се решава савското, односно белградското крајбрежје, објектите што ќе добијат дозвола за да бидат поставени на одредено место, мора да бидат проверени од градските и републичките служби пред да почнат со работа.
„Да се види квалитетот на тие понтони и јасно да се дефинира колку луѓе можат да влезат кога е со полн капацитет и дека, без разлика дали некој ќе биде повреден или не, одговорноста треба да биде на оние што го прекршуваат тој тип на одлука, пред се кривична одговорност“, рече Шапиќ.
Градоначалникот истакна дека е важно никој да не е повреден, но лошо е што сето ова се случило. Тој додаде дека му било кажано дека во инцидентот на сплавот „Фристајлер“ само две девојчиња биле полесно повредени и дека нема настрадани.
Инаку, белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона синоќа за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.