Десет затворски чувари и четворица осуденици се убиени во неделата кога вооружени лица со блиндирани и вооружени теренски возила го нападнале државниот затвор во Сиудад Хуарез, наспроти границата со Ел Пасо, во американската сојузна држава Тексас, соопштија мексиканските власти.
Канцеларијата на државното обвинителство на мексиканската сојузна држава Чивава во писмена изјава извести дека околу 7 часот утрото во неделата по локално време пристигнале различни типови специјално вооружени возила и вооружени напаѓачи кои отвориле оган врз затворските чувари.
Покрај 14-те убиени, уште 13 други лица се ранети, а најмалку 24 затвореници избегале, пренесува Associated Press повикувајќи се на мексиканските власти. Истовремено семејства на затвореници чекале да бидат пуштени во затворот во посета по повод Нова година.
Мексиканската војска и полицијата на државата Чивава подоцна во неделата ја вратиле целосната контрола над затворот. Канцеларијата на државното обвинителство објави дека е покрената истрага за нападот.
Нападот бил испланиран за да се овозможи бегство на група затвореници, според прелиминарните сознанија на властите. Полицијата, со помош на припадниците на маринскиот корпус на мексиканската војска, уапсила набрзо четири лица. Но не е познато дали станува збор за напаѓачи или за избегани затвореници, пренесува AFP.
Во затворот во Сиудад Хуарез, на самиот север на Мексико, сместени се осудени припадници на ривалските нарко-картели Синалоа и Хуарез, кои повеќе од 15 години буквално војуваат за контрола над градот кој е клучна точка за шверцувањето на наркотиците на богатиот пазар во САД.
Во август 2022 година во истиот затвор избувна бунт кој се прошири на улиците на градот Хуарез, а во насилствата тогаш беа убиени 11 лица. Тогаш двајца затвореници беа убиени во затворот, а потоа припадниците од истата локална банда започнаа неселективно одмазнички да пукаат низ градот, и притоа убија и четворица вработени во локална радио станица кои вршеле промоција на ресторан.
Насилството е честа појава во мексиканските затвори, вклучително и во некои такви установи каде властите одржуваат само номинална контрола. Редовно избувнуваат судири меѓу затворениците на ривалските банди, кои во градовите како Хуарез се дел од нарко-картелите.
Непосредно пред нападот на затворот во неделата, градската полиција била нападната а во потерата што следела биле уапсени четворица мажи, се вели во соопштението на државното обвинителство. Подоцна, полицијата убила две вооружени лица кои бегале со џип.