
Претставниците на Претставничкиот дом не успеаја да изберат претседател во првиот круг во вторникот, по неуспехот на републиканецот Кевин Меккарти, што е прв случај наназад сто години кога челникот на долниот дом на американскиот Конгрес не беше избран без проблеми.
Големиот фаворит за наследник на демократката Ненси Пелоси, 57-годишниот Меккарти, не успеа да го стивне бунтот на групата поддржувачи на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп кои го сметаат за недоволно конзервативен, што е доказ за поделбите во партијата која е опозиција на демократскиот претседател Џо Бајден.
Членовите на Претставничкиот дом ќе гласаат додека не изберат претседател.
Републиканците, кои освоија мнозинство во Долниот дом на ноемвриските избори, најавија дека ќе спроведат серија истраги против американскиот претседател, особено за неговото справување со пандемијата.
Но, пред тоа секако мора да се договорат за избор на претседател на Претставничкиот дом. Потребно е мнозинство од 218 гласови за да се избере третата најважна личност во американската политика, по претседателот и потпретседателот. Кевин Меккарти доби 203 гласа во првиот круг, бидејќи 19 поддржувачи на Трамп решија да му го расипат славјето
Изборот на претседател на Претставничкиот дом може да биде само прашање на часови… или на седмица. Во 1856 година пратениците постигнале договор дури по два месеца и 133 круга на гласање.