Македонската Алкалоид согласно глава 6 од Правилата за котација на Макеоднската берза известува за ценовно чувствителна информација: Бизнис план за 2023 година – резиме.
Во известувањето се вели дека АЛКАЛОИД AД Скопје е компанија којашто повеќе од осум и пол децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.
АЛКАЛОИД АД е акционерско друштво, во чиишто рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има 2 подружници во земјава, како и 19 подружници и 2 претставништва во странство (во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, САД, Велика Британија и во Романија).
Компанијата брои 2 015 вработени во земјава и 602 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија.
Аспирации и вредности
АЛКАЛОИД AД Скопје, при извршувањето на своите деловни операции, се потпира на највисоките етички норми и стандарди. Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари.
Визија
Нашата визија е АЛКАЛОИД, како глобално ориентирана компанија, да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција. Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди.
Мисија
Нашата МИСИЈА е постојано да тежнееме кон поздрав свет, кон супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и кон континуиран успех.
Императив
Наш императив е заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, како и на сите вклучени страни, а основната определба е ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ.
Бизнис-план за 2023
Приходи од продажби
Бизнис-планот за 2023 година предвидува консолидирани продажби од над 256 милиони евра, што претставува раст од 10 % во однос на очекуваните за 2022 година.
Продажби по сегменти
Сегментно, по профитни центри, 88 % од консолидираните продажби се очекува
да ги реализира ПЦ Фармација, а 12 % ПЦ Хемија, козметика и билкарство.
Продажби по пазари
Се очекува 33 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 % – од извоз.
Планирани резултати
Планираниот биланс на успех предвидува раст од 9 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).
Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2022 година.
Инвестиции
Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД AД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра.
Во 2022 година се реализирани инвестиции во нови капацитети во сите сегменти на компанијата. Со цел поддршка и унапредување на производствените програми, АЛКАЛОИД континуирано вложува и во опрема и во нови технологии.
Посебен акцент во новите инвестициски проекти се става на енергетската ефикасност и на користењето алтернативни извори на енергија. Оваа година во работа се пуштени фотоволтаични електрани со инсталиран капацитет од 1,2 мегавати. Заедно со претходно инсталираните, вкупниот капацитет достигнува 1,6 мегавати, а вредноста на инвестицијата е 700 000 евра.
Како дел од дваесетгодишниот инвестициски план за развој на ПЦ Фармација, пуштен беше во употреба новиот магацин за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа, инвестиција вредна 1,3 милиони евра.
Новата фабрика за производство на концентрати за хемодијализа, со потребните магацински простории за суровини, амбалажа и за готови производи, беше изведена во согласност со строгите стандарди за добра производствена практика, со законските прописи за производство на медицински средства и со директивите на системот за обезбедување квалитет.
Оваа инвестиција е со вредност од 1,8 милиони евра.
Во употреба беа пуштени и новите лаборатории за контрола на квалитет, истражување и развој, како и за регистрации, во производствениот сегмент за козметички производи на локалитетот во Ѓорче Петров, инвестициски проект вреден 720 000 евра.
Бизнис-планот за 2023 година предвидува инвестирање на околу 11 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства. Следната година е година којашто ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни инвестициски проекти за компанијата.
ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ
Истражување и развој во АЛКАЛОИД AД Скопје повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на АЛКАЛОИД, со грижа за заштита на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа.
Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите. Бизнис-планот во 2023 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој.
Вработени
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2023 година очекуваме околу 50 нови вработувања во АЛКАЛОИД AД Скопје, како и околу 30 вработувања во друштвата во странство.
Продолжуваме со вложувањата во човечки капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен.
Акции
Акциите на АЛКАЛОИД AД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2022 година се движеше од 15 556,00 до 19 400,00 денари или просечно 17 307,66 денари за една акција.
Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2022 година изнесуваше 17 100,00 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2022 година изнесува 24,5 милијарди денари.
Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.
Бизнис-планот на компанијата за 2023 година е донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД AД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година.