
Скопјани празничниот ден го искористија масовно да побегнат од загадениот град, и во неделата масовно се упатија кон падините и врвот на Водно, за што сведочат фотографиите од станицата на скопската жичница, а оние кои почесто практикуваат престој на свеж воаздух велат дека досега не виделе таква гужва.
Инаку во Скопје во неделата главно беше сончево и ведро, но според мерните станици тоа е само привидна слика, зашто и во неделата македонската престолнина беше меѓу најзагадените светски метропили.
Според мрежната страница IQAir, Скопје и денеска имаше индекс на квалитетот на воздухот со вредност 161, односно скопскиот воздух е окарактеризиран како „нездрав за дишење“. Загаденоста главно е составена од ПМ 10 и ПМ2,5 честички.
Скопје се наоѓаше на тринаесеттото место, а пред него од регионот е само српскиот главен град Белград, на седмото место. Прв на ова неславно рангирање е повторно индиската престолнина Њу Делхи.