Аријан Адеми е клучен дел од македонската фудбалска репрезентација. Играчот за врска не беше на последните натпревари поради повреда, се појавија многу шпекулации околу неговата иднина, а во интервју за „Германијак“, откри дека неговата приказна со националниот тим не е готова.
„Одлучив да продолжам да играм за репрезентацијата. Сакам, можам и ќе го направам тоа. Зборував со селекторот, сака да бидам таму и таму ќе бидам. Тешко ми е да се простам затоа што таму е одлична група на луѓе, играме за својата земја, се пласиравме на последното ЕП, а сакаме тоа да го направиме уште еднаш, иако не сме во лесна група“, изјави Адеми.
Главни фаворити во групата за ЕП 2024 ќе бидат Англија и Италија, а потоа следат Украина, Македонија и Малта.
„Свесни сме дека нема да биде едноставно, но веќе ја победивме Германија, исто и Италија и немаме од кого да се плашиме. Знам дека Италијанците ќе бидат посебно мотивирани против нас затоа што ги исфрливме од Мундијалот, но и ние ќе бидеме мотивирани и веруваме дека можеме да оствариме уште една голема победа“, кажа Адеми во интервјуто за „Германијак“.
Квалификациите за ЕП 2024 стартуваат во месец март.