
Советничката група на СДСМ, со поддршка од советниците од ДОМ и ЛДП, поднесе иницијатива за одржување вонредна седница на Советот на Град Скопје за загадувањето во главниот град.
Покрај иницијативата СДСМ предлага и седум мерки кои ќе доведат до намалување на загадувањето.
Дел од тие мерки се прифатливи и за претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славевски, па оттаму очекувано е тој да ја закаже седницата за која е поднесена иницијативата.
Во време кога Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот, нема простор за политика, потребна е седница на Советот на која ќе се носат мерки и решенија.
Здравјето на граѓаните е најважно, затоа Советот на Град Скопје и градската власт треба да реагираат што побрзо за да се намали енормното загадување на главниот град.