Нема недостиг на инсулин. Ова е една ситуација која како дежаву се повторува секогаш кога сакаме да развиеме некоја монополска позиција на пазарот.
Ова денес го изјави министерот за здравство Никола Тодоров кој посочи дека со новиот тендер ќе се носат квалитетни инсулини од Данска или САД, но со поевтини цени.
– Не им е грижа за пациентите, грижата е повеќе за некој личен интерес и бизнис. Не смееме да дозволиме да се цицаат средствата од буџетот на Република Македонија и потоа некој да вози џипови луксузни или да има вили, а тоа да го плаќаат граѓаните и плус од тоа да правата сцена, обратно да го поставуваат дека некој друг имал бизнис интерес. Не не станува збор за тоа и не е грижа дали се склучил анекс договорот сега или не. Најголема грижа им е тоа што веќе е објавен тендер за набавка на инсулин за наредните две години во кој практично ќе си конкурираат оние кои ги носат најскапите инсулини, посочи Тодоров.
Министерот дециден дека нема да дозволат поделба на пазарот помеѓу фирми, нема да дозволат да некоја фирма освоила еден дел од пазарот и тој да и загарантиран за наредни десетици години.
– Со новиот тендер овозможуваме тие што ги носат скапите инсулини, а тоа се најдобрите и најголемите компании во светот, за прв пат да почнат да конкурираат една на друга на тендер, и која од нив ќе понуди најниска цена. Очекуваме дека на овој начин ќе се направи заштеда од минимум 100 до 150 милиони денари за овој тендер кој сега го објавуваме. Тоа се средства кои ќе останат во здравствениот буџет и ќе бидат наменети за здравствени проекти, за граѓаните, а не да завршуваат во нечии џебови, нагласи Тодоров.
Тој потенцираше дека во моментов се прави една ПР кампања од некои компании кои сакаат да си го задржат монополската положба на пазарот, не станува збор за грижа за пациенти, туку за сопствен бизнис.
– Ние сакаме да направиме да имаме сериозна грижа за пациентите, ама да не дозволиме некој на грбот на пациентите неосновано да се богати, како што тоа го правеле во изминатите години, дециден е министерот за здравство кој денес го посети кол-центарот за проектот „Ало докторе“, кој се наоѓа во Итната медицинска помош до поликлиника Букурешт.