Соработниците на Бајден најдоа втор сет доверливи документи

Помошниците на американскиот претседател Џо Бајден открија втора серија доверливи документи од времето на неговиот мандат како потпретседател, пренесува американската телевизиска мрежа NBC News, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.

Според телевизијата, доверливите документи биле пронајдени „на место надвор од канцеларијата во Вашингтон која Бајден ја користел по напуштањето на администрацијата на (поранешниот претседател) Барак Обама“.

Белата куќа не одговорила веднаш на барањето на CBS News за коментар. Без коментар биле и од американското Министерство за правосудство.

Претходно CBS News извести за откривањето доверливи документи во кабинетот на Бајден во аналитички центар во Вашингтон, Материјалите, коишто се однесуваат на периодот кога актуелниот станар на Белата куќа бил потпретседател, ги откриле негови лица од доверба пред одржувањето на меѓуизборите во ноември 2022 година.

Подоцна телевизијата CNN објави дека меѓу откриените тајни документи имало разузнавачки податоци за Украина, каде во тој период неговиот син Хантер Бајден беше во водството на приватната енергетска компанија „Burisma“, како и за Иран и за Велика Британија.

Документите веднаш биле предадени во Националниот архив на САД, но Министерството за правосудство сега проверува како тие се нашле во приватната канцеларија. Белата куќа претходно потврди дека Бајден ги користел споменатите простори во периодот меѓу 2017 и 2020 година, кога повеќе не бил во администрацијата и

Чувањето доверливи материјали изнесени од Белата куќа минатата година беа причина за претресите на имотот на претходниот претседател Доналд Трамп во Мар-а-Лаго на Флорида. Бидејќи не ги предал во Националниот архив, се соочува со кривично гонење.

Бајден изрази изненаденост од фактот дека во неговата приватна канцеларија биле пронајдени доверливите документи и изјави дека не ја знае содржината на документите. Надзорниот комитет на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, каде мнозинство имаат опозициските републиканци, започна истрага за тоа дали претседателот ги почитувал правилата за ракување со доверливи документи во време кога тој ја извршуваше функцијата потпретседател на земјата.

Во понеделникот адвокатот на Белата куќа потврди дека доверливите документи од потпретседателските денови на актуелниот претседател Џо Бајден ги откриле во ноември неговите лични адвокати во просториите на вашингтонскиот тинк-тенк.

Близу десет документи биле пронајдени во канцеларијата на Бајден во Центарот за дипломатија и глобален ангажман „Пен Бајден“, извести CBS News, додавајќи дека од американскиот државен правобранител во Чикаго е побарано да ги прегледа тајните документи.

Доверливите материјали ги идентификувале личните адвокати на Бајден на 2-ри ноември 2022 година, неколку дена пред одржувањето на меѓуизборите на 6-ти ноември, изјави Ричард Саубер, специјален советник на американскиот претседател.

Потврди дека Бајден ги користел тие канцеларии од средината на 2017 до почетокот на својата претседателска кампања во 2020 година. Додаде дека канцеларијата на советникот на Белата куќа го известил Националниот архив истиот ден за откривањето на документите, како и дека тие биле преземени следното утро.

Саубер, исто така, рече дека документите не биле предмет на никакво претходно барање или истрага на Националниот архив. Тоа би можело да значи дека не биле најдени траги за постоење на овие доверливи документи во другата документација предадена на архивот.

Документите биле откриени кога личните адвокати на Бајден наводно „подготвувале досиеја чувани во заклучен шифоњер за да се подготват за напуштање на канцеларискиот простор во Центарот Пен Бајден во Вашингтон“, како што тврдеше Саубер. Додаде дека Белата куќа соработува со Министерството за правосудство и со Националниот архив.

Во соопштението на Саубер не се споменуваше бројот на доверливите документи, нивната содржина ниту нивото на тајност, Во првичниот прилог на CBS News беше наведено само дека тие не содржат нуклеарни тајни.