Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон уште еднаш во неделата ја предупреди Црна Гора дека пристапните преговори со Европската унија може да бидат запрени доколку не успее и шестиот избор на судиите за тамошниот Уставен суд.
Фајон, по средбата со претседателката на црногорскиот парламент Даниела Ѓуровиќ, истакна дека тоа е „сериозна закана“. Притоа додаде дека „политичарите треба да си ги стиснат рацете и да го направат она за што се договориме“.
Фајон на крајот од декември заедно со шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг беше именувана за специјална претставничка на Европската унија за Црна Гора, откако Демократската партија на социјалистите (ДПС) на фаворитот на Брисел, претседателот Мило Ѓукановиќ, ја загуби власта, што предизвика колапс во политичкиот живот на земјата откако шефот на државата одби да му го даде мандатот за составување влада на Миодраг Лекиќ, кој го предложи вршителот на должноста и соборен премиер Дритан Абазовиќ, како и со неизборот на уставните судии.
Фајон ненајавено допатува во неделата во Пдгорица каде во тек се завршните подготовки за изборот на судиите во Уставниот суд, за кои пратениците ќе гласаат кон крајот на јануари или на почетокот од септември.
Фајот претходно во неделата се сретна и со претседателот Ѓукановиќ и со премиерот Абазовиќ, а на крајот од посетата изрази надежи дека при 23-ти јануари, кога треба да го поднесе извештајот во Брисел, ќе има позитивни вести.
„Имам добро чувство по разговорите, се надевам дека сите политичари се свесни колку е важен Уставниот суд. Сакам Црна Гора повторно да дојде во групата којашто напредува кон ЕУ, а не во групата за којашто разговараме како проблем во ЕУ“, рече Фајон.
Црна Гора влезе во политичка криза од август кога на владата на премиерот Дритан Абазовиќ, откако тој етнички Албанец го потпиша Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ), договор кој го имаа потпишано претходно со владата на ДПС и другите верски задници во Црна Гора. Поради овој договор на владата на Абазовиќ ѝ беше изгласана недоверба во парламентот по иницијатива на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ и откако поддршката ѝ ја откажа дотогаш СДП.
Потоа беше формирано ново парламентарно мнозинство во кое најголем чинител е просрпскиот Демократски фронт, а ја поддржува и партијата Обединета реформска акција (УРА) на Дритан Абазовиќ кој го предложи за мандатар за формирање на новата влада Миодраг Лекиќ.
Претседателот Ѓукановиќ, најдолговечниот политички челник во Европа со повеќе од три децении и порано еден од најблиските соработници на српскиот челник Слободан Милошевиќ, одби да му го даде мандатот на Лекиќ кого неговата партија го обвинуваше дека бил амбасадор од времето на Милошевиќ односно СР Југославија, тврдејќи дека „не е убеден“ дека Лекиќ има поддршка во парламентот.
Како одговор на тоа владејачкото мнозинство усвои нов закон за претседателот, со кој како и во другите земји во Европа шефот на државата треба да го даде мандатот на кандидатот кој ќе биде предложен од парламентарното мнозинство, особено идентично со случајот во Македонија во 2017 година.
Но ЕУ се спротистави на тој закон, по што дипломатите и западните амбасадори во Подгорица, како и Венецијанската комисија, која е советодавно тело на ЕУ, оценија дека законот наводно бил противуставен.
Кризата дополнително беше продлабочена со нефункционирањето на Уставниот суд на Црна Гора кој во моментов има само тројца од вкупно седум судии, а пратениците со месеци не успеваат да се договорат за изборот на новите уставни судии.
Партијата на Ѓукановиќ организира протести на кои се бара повлекување на законот за претседател или распишување нови парламентарни избори, но според моменталните анкети ДПС може да биде најбројна партија но не би успеала да формира мнозинство во парламентот.