МВР најави пријава против градоначалникот Митовски кој „делеше“ шамари

„Во врска со пријавата од К.С. во ОВР Крива Паланка дека на 14.01.2023 бил физички нападнат од С.М., преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и во полициска станица е извршен службен разговор со С.М., како и со сведок на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок против С.М“, се вели во соопштението на МВР.

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски е повикан на службен разговор во полициска станица во Крива Паланка во врска со пријавата на полицискиот службеник Кристофер Стоевски, кој изјави дека бил физички нападнат со шамари од градоначаникот поради застој на сообраќајот на паркинг на ноќен локал.

Случајот прво го објави ВМРО-ДПМНЕ во соопштение со кое побара случајот да не се забошотува, и запраша зошто во службениот билтен инцидентот е заведен како да е од непознат (Н.Н.) сторител. Потоа, самиот Стоевски на Фејсбук го опиша детално инцидентот кој се случил додека тој не бил на службена должност. Полицаецот наведе дека на излегување од ресторанот Воденица 3, после забава, имал незгода со друго возило, поради што се создал застој за излез на возилата од паркингот. Градоначаникот Митовски, кој бил во колоната од возила, бил изнервиран и агресиван, и според Стоевски, под дејство на алкохол, му удрил две шлаканици на Стоевски. Тој потоа го пријавил случајот во полициска станица.