Германија бележи рекорден број илегални преминување на границите

Во Германија во текот на минатата 2022 година е забележан рекорден број илегални преминувања на државните граници, соопшти во средата сојузната полиција.

„Во 2022-ра забележани се 91.986 илегални преминување на границите, што е најголем показател во последните шест години“, стои во соопштението за медиумите на Сојузната полиција во чијашто надлежност е контролата на државните граници.

Година претходно, која сѐ уште беше во знакот на пандемијата на коронавирусот и намаленото движење на луѓето, забележани беа 57.637 недозволени преминувања на германските граници.

Бројот на нелегалните преминувања на границите особено пораснал во втората половина од минатата година. Најмногу илегални преминувања се забележани на австриско-германската граница, на којашто уште од мигрантската криза од 2015 година се спроведуваат строги контроли. Остар раст на илегалните преминувања забележан е и на чешко-германската граница.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD), и покрај противењето на коалициската партија Зелените, неодамна за уште шест месеци ги продолжи контролите на својата шенгенска граница.

Опозициската демохристијанска коалиција на Христијанско-демократската унија и бавараската Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU) ја критикуваше политиката на владата на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц и ја обвинува за зголемениот број илегални преминувања на државните граници.

„Статистиката на Сојузната полиција го докажува она што ние го тврдиме со месеци, а тоа е дека социјалдемократско-зелено-либералната коалиција нема контрола на илегалните миграции“ изјави портпаролот за внатрешнополитички прашања на пратеничката група на демохристијаните Александер Тром.

Укажа дека општините и градовите, коишто го понесуваат најголемиот товар при згрижувањето на мигрантите, не добиваат никаква помош од сојузните институции.

„Министерката Фезер сѐ уште не сака да признае дека се наоѓаме сред мигрантска криза“, заклучи Тром.

Германската Сојузна полиција истовремено објави и дека минатата година се уапсени 2.728 лица поврзани со криумчарење луѓе.