Денеска православните го одбележуваат споменот на свети Јован Крстител

На 20-ти јануари, кој годинава е во петокот, се празнува Соборот на свети Јован, а дали трпезата ќе биде мрсна или посна зависи од тоа во кој ден се паѓа овој празник.

Црквата утврдила овој празник да се прославува веднаш по Богојавление. Иако свети Јован се прославува неколкупати во годината, неговиот собор односно најзначаен празник се прославува токму на денешен ден.

Овој ден се празнува веднаш по празнувањеро на големиот христијански празник Богојавление кој се прославува во чест на крштевањето на Исус Христос од страна на свети Јован во реката Јордан, па по тој повод се осветуваат сите води со фрлањето на светиот крст во нив. Денеска празнуваат оние кои го носат името Јован, Јована и слично.

Во младоста, Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години, тој ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тибериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа.

Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Тој често проповедал: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух“.

Во тоа време, Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони, учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус, кога наполнил 30 години, дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според евангелието, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот, Јован го одвратил, велејќи му: „Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?

Но, кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римското Царство го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја, Ирод Антипа. Тоа бил синот на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез, по име Арета. Но тој, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип, кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал: „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти“

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш, кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака, дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка, која долго го чекала овој час (зашто не можела да му го прости јавното разобличување), веднаш ѝ рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода, тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време, девојката ја имала на послужавник главата на Свети Јован, која ја предала на својата мајка. И по неговата смрт, Иродијада продолжила да се изживува над мртвото тело на Св. Јован, бодејќи го неговиот јазик со игли. Според преданието, телото на Јован го зеле неговите ученици и го погребале, а главата ја зела Иродијада, која ја закопала во дворецот на Ирод, плашејќи се наводно да не може да воскресне Јован. Сепак, еден чесен дворски слуга ја закопал главата на светецот.

Јован Крстител се слави неколкупати во текот на годината, но православната црква го слави празникот Крштение на 20-ти јануари. Празникот е посветен на светецот и пророк кој го крсти Исус Христос во реката Јордан.

На свети Јован е мрсна гозба, освен кога се паѓа во среда или петок, во тие два случаи се подготвува посна трпеза. Оваа година 20 јануари се паѓа во петок, што значи дека на Свети Јован се постиИ.

Многу народни обичаи се поврзани со овој празник. Според верувањата, на тој ден жените никако не треба да допираат игли за плетење, ножици или игли.

На денот на свети Јован верниците не треба да земаат нож во раце, во знак на сеќавање на мачеништвото на Јован, ниту да јадат и пијат нешто што е во црвена боја, бидејќи таа боја ја симболизира невино пролеаната крв на светителот. На децата исто така не им се дава ништо црвено на овој ден.

Исто така, според верувањата, 20-ти јануари е идеален ден за одење на патување, бидејќи ќе ја имате заштитата на овој светец.