Претставници на Европската унија вчера и се заканија на социјалната мрежа TikTok со далекусежни санкции затоа што дозволува ширење штетна содржина.
Европската комисија го предупреди извршниот директор на TikTok, Шо Зи Че, дека компанијата мора веднаш да почне да се придржува до правилата на ЕУ или ќе се соочи со санкции.
„Неприфатливо е зад навидум забавните и безопасни можности, корисниците за само неколку секунди да можат да пристапат до штетна, а понекогаш дури и опасна по живот содржина, изјави еврокомесарот Тиери Бретон по разговорот со Шо Зи Че.
Додаде дека е загрижен и поради тврдењата дека се шпионираат новинари и дека личните податоци се испраќаат надвор од Европа.
TikTok се соочи со голем број проблеми за време на неговиот брз раст над ривалските социјални платформи во сопственост на Meta и YouTube, главно поврзани со безбедноста и благосостојбата на неговите многубројни малолетни корисници.
Онлајн платформата TikTok, во сопственост на кинеската компанија „Бајтданс“ (Bytedance), долго време беше критикувана за слаба заштита на податоците на своите млади корисници. Исто така, постојат стравувања дека кинеската држава би можела да има пристап до податоците на TikTok, што платформата го негира.
„Нема да се двоумиме да ги воведеме сите можни санкции доколку контролите не покажат целосна усогласеност“, додаде Бретон потсетувајќи на Законот за европски дигитални услуги, според кој големите платформи од 1-ви септември годинава ќе бидат одговорни за кршење на правилата.