Тренерот на англискиот шампион Манчестер сити, Пеп Гвардиола, ги критикуваше своите фудбалери по синоќешната победа над Тотенхем од 4-2 во заостанат натпревар од 7. коло во Премиер лигата.
Сити по првото полувреме беше во негативата од 0-2, но со пресврт во продолжението забележа победа од 4-2.
„Ни недостасува храброст, страст, желба да победиме од првата минута. Истата работа е и со нашите навивачи. Ги сакам своите навивачи назад. Во моментов сме далеку од тоа да се натпреваруваме на највисоко ниво“, изјави Гвардиола за британските медиуми.
Манчестер сити во моментов е второпласиран на табелата со пет бодови помалку од Арсенал и натпревар повеќе.
„Противникот ни е Арсенал, чиј фудбалери имаат многу страст. Немаат освоено титула 20 години. Ја објаснувам реалноста, а се однесуваме како да сме во комфорна ситуација, но нашите ривали нè чекаат. Доколку вака продолжиме да играме, никогаш нема да го стигнеме Арсенал“, додаде стратегот на Сити.