Русија објави за опколување и борби во Бахмут, германското разузнавање известува за големи украински загуби

Руското министерство за одбрана во дневниот брифинг во петокот извести дека руските сили ја преземале контролата над Клишчивка, село јужно од Бахмут на административната граница од прорускиот источен украински регион Доњецк.

Западните земји и украинските сили дури седмицава го потврдија губењето на градот Соледар, десетина километри североисточно од Бахмут, а воените аналитичари оценија дека тоа напредување на руските сили им создава прилика за поголем притисок врз украинските сили врз поголемиот стратешки град Бахмут (Артемовск, како што сега го нарекуваат Русите).

Селото Клишчивка, која по судирите по превратот во Киев во 2014 година до пред војната започната во февруари 2022 година броела околу 400 жители, била заземена со помош на воздушна поддршка, соопшти руското министерство за одбрана.

Селото се наоѓаа на девет километри јужно од Бахмут, а приватната воена компанија „Вагнер“ и милициите на проруските сепаратисти од Доњецк и претходно објавија дека го заземале и оти веќе ги интензивирале борбите за заземање на градот.

Агенцијата Reuters пренесувајќи ја оваа информација истакнува дека не може да ги потврди руските тврдења од независни извори.

Украинските сили во Бахмут на дневно ниво губат по троцифрена бројка војници, објави претходно во петокот германскиот дневен весник Spiegel, повикувајќи се на документ на германската Федерална разузнавачка служба (BND) во кој имал увид, a со кој претходно седмицава на затворен состанок биле брифирани пратеници од Бундестагот од парламентарната комисија за безбедност.

„Она што можат да го пријават специјалните служби е алармантно: на фронтот во близина на Бахмут, Украинците сега трпат огромни загуби, на брифингот на BND можеше да се слушне за трицифрена бројка жртви дневно“, се наведува во објавата.

Се додава дека претставници на германското разузнавање ја изнеле процената дека падот на Бахмут може негативно да влијае врз целата линија на украинската одбрана и дека руската војска ги користела војниците како „топовско месо“ за заземањето на градот. И во тој контекст во текстот на Spiegel се споменува притисокот врз германскиот канцелар Олаф Шолц за што поскоро испорачување на Украина на модерните тешки офанзивни тенкови „Leopard 2“.

Челникот на сепаратистите од Доњецк, Денис Пушилин, истовремено објави дека единиците на борците кои потекнуваат од самиот регион и борците на „Вагнер“ во петокот се „близу до оперативно опкружување“ на Бахмут.

„Што се однесува до Артемовск (Бахмут), можеме да кажеме дека ситуацијата таму, ако не е блиску до завршување, тогаш е близу до оперативно опкружување кон што сега се стремат единиците на ‘Вагнер’ кои се наоѓаат таму“, рече Пушилин за агенцијата РИА

Пушилин притоа прецизирал дека во моментот во Бахмут се водат борби во областа на локалната фабрика за преработка на месо, каде што борците од „Вагнер“ напредуваат „и дење и ноќе“.

Во четвртокот еден од командантите на групата „Вагнер“ изјави за РИА дека заедничките сили успешно ја спроведувале офанзивата, и оти борбите веќе се водат во самиот Бахмут. Според него, единиците на руската војска успеале да ја зазема индустриската зона, а борците на неговата група ги расчистуваат станбените области од џебовите на украинските војници.

Руското министерство за одбрана прецизираше дека со заземањето на Соледар ги отсекло украинските единици во Бахмут од логистиката, а истовремено придонело и тие да бидат опколени. Во средата, имано, заменикот на командантот на Вториот армиски полк на ткн Народна милиција од соседниот проруски регион Луганск, известил дека руските единици ги пресекле главните правци за снабдување на украинските војници во Бахмут, како и дека опколување на украинските единици се подготвува и во блискиот град Северск, кон централна Украина. Целиот тој потег е важен транспортен и логистички центар за украинската борбена група којашто војува во целиот Донбас, под што се подразбираат двете области Доњецк и Луганск.