
Односите меѓу Скопје и Софија главна тема на Советот на безбедност кој го повика претседателот на државата, Стево Пендаровски. По состанокот во Вила Водно, претседателот рече дека поводот за тоа не е само претепувањето на секретарот на спорното бугарско здружение кое го носи името на Цар Борис Трети, но појаснува дека станува збор за организирани активности од структури во Софија кои се активирани по прифаќањето на францускиот предлог.
-Истите овие структури се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува. На вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начина. Првиот е да одговориме со културна дипломатска реторика, како и досега и тој круг на провокации, кој често не останува само на зборови, туку предизвикува и насилство, сигурно нема да заврши, рече Пендаровски.
Рече дека за државата ќе мора да ги преземе сите неопходни мерки на терен за 4 февруари да помине без никакви инциденти.
-Тоа значи, од граничните премини, па сѐ до главната локација во Скопје каде пристап да имаат само луѓето, Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Делчев, но не и оние кои доаѓаат со цел да го понижуваат и негираат македонскиот народ, рече Пендаровски.
Тој побара од бугарските политички чинители кои не се дел од овие сценарија да ги изолираат политички сите кои не сакаат добри меѓусоседски односи меѓу Скопје и Софија.
-Македонија не ви е непријател, но оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме. Секоја сериозна држава на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија. Предлагам во наредниот период далеку подобра координација меѓу надлежните инситуции од двете земји за да не дозволиме европската агенда и билатералните односи да настанат жртви на анахрони националистички и популистички политики од двете страни, рече Пендаровски.
Тој, иако одби да го каже неговото име, побара од Владата да му забрани влез на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски.
-Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата држава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Република Бугарија заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава. Законските услови за изрекување на таква мерка постоеле и порано и сѐ уште постојат. Тоа се трите, според законот ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност и закана за меѓународните односи на Република С Македонија, рече Пендаровски.
Појаснувајќи што ова значи, рече дека на лицата кои во тој момент се надвор од земјата да не им биде дозволен влез, а ако се веќе внатре да им биде откажан престојот и да прогласени за „персона нон грата“.